ГОСПОД ДА ЧУВА ОД СТОРЕНИЈА

Во последно време стана мода, на спортските натпревари коментаторите да имаат свои гости кои ќе им помагаат во коментирањето како стручни лица. И така натпреварот си тече, тие си разговараат и наместо да ни помагаат во следењето на играта тие ни го оттргнуваат вниманието со некои нивни размислувања, статистички податоци и слично. На последното Европско првенство во фудбал во Украина и Полска, редовен гостин беше Дарко Панчев. Не можеме да ги набележиме грешките (јазични), зашто, како што би рекол тој, тие се ПОИШЕ од многу. Панчев постигнуваше многу голови, но неговиот коментар, со ваков нечист јазик е голем АВТОГОЛ. Ние своевремено, бевме свикнати да му аплаудираме, но сега, еве и едно – УА.

А неговите домаќини од спортската редакција се потрудија да го “збогатат” јазикот со еден нов збор. Знаеме дека во тој период, додека се играа натпреварите Европа, беше зафатена со вистинска фудбалска ЕУФОРИЈА. Нашиве “јазикоклепачи” измислиле нов збор – ЕУРОФОРИЈА. Таков беше насловот на емисијата што го гледавме секој ден. Со крупни букви преку целиот екран – ЕУРОФОРИЈА. Раката на срце, зборот е за еднократна употреба, ќе се користи само додека трае првенството. Велиме – ЕВРОПСКОТО. Зошто, затоа што се игра во ЕВРОПА. Нашиот континент се вика ЕВРОПА, ние (во Македонија) ја викаме ЕВРОПА! Е, па, зошто тогаш не ЕВРОФОРИЈА, туку ЕУРОФОРИЈА?! Разговаравме и со лекторката на МТВ. Покрај другите забелешки, ја прашавме и за ова:

– Зошто ЕУРОФОРИЈА, а не ЕВРОФОРИЈА? Зошто е ова вака? – ја прашуваме.

– Затоа што не консултирале никого! – одговара лекторката.

Одговорот, навистина, делува збунувачки. Каква ли е меѓусебната поставеност меѓу вработените во МТВ? Дали лекторот седи во својата канцеларија и чека некој да дојде да го консултира или пак тој има право (и обврска) да интервенира таму каде што има грешки. Дваесетина дена зборот ЕУРОФОРИЈА го читавме и го слушавме, но ете, лекторот не бил консултиран. Немаат право ни тие што го измислиле зборот, ни тој што не им укажал на грешката. Но, фудбалот заврши, еуфоријата спласна. Ќе ни остане за спомен ЕУРОФОРИЈАТА.

Така е сега тоа. Телевизорот во секое време е пуштен, а човек не секогаш гледа внимателно. Еве, еден таков пример. Се емитуваат вести на некоја телевизија. Вниманието поделено. Слушаме некоја докторка објаснува дека во последно време се манифестира многу често алергија кај децата. Веројатно стануваше збор за докторка од итната медицинска помош. Таа во еден момент вели: “Замислете, само за десет минути, две ИСФРЛЕНИ деца”. Рековме дека не ја следевме емисијата внимателно, но овој чуден податок не заинтересира. Навистина не можевме да разбереме за што станува збор. Какви се тие ИСФРЛЕНИ деца? Кој ги ИСФРЛИЛ и каде ги ИСФРЛИЛ?  Скоро пред тоа на некоја од телевизиите, можеби на истата, слушавме дека некоја мајка ги принудувала своите деца да питаат, дека била приведена и дека постоела можност да и биде одземено родителското право. Како да ни се испомешаа двата случаја и навистина останавме збунети. ИСФРЛЕНИ деца!!! Веќе внимателно ја слушаме докторката. Кога спомна таа за црвенило по телото од децата, дури тогаш ни стана јасно во што е работата. Значи, за десет минути им дошле на преглед две НАФРЛАНИ деца, а не ИСФРЛЕНИ. Каде ли го најде докторката тој збор ИСФРЛЕНИ?!  Не веруваме, кога некој ќе се НАФРЛА, дека некаде во Македонија би рекле оти се ИСФРЛАНИ. Во Скопје пак, најмалку. Таму (и не само таму) најмногу го употребуваат српскиот збор – ОСИП. Многу често го слушаме тој збор и од докторите и од пациентите. Ќе чуеме дека детето имало температура и добило ОСИП. Погрешно е тоа. Зборот е српски, но значењето му е исто. Значи исто што и НАФРЛАН. А зборот, ИСФРЛЕН (ИСФРЛАН) значи сосема нешто друго. Чудно е, од каде и дојде на докторката на ум вакво нешто. Македонскиот збор е токму тој – НАФРЛАН. Човек може да се НАФРЛА кога има сипаници, алергија, некаква инфекција и слично. Старите велеа дека можеш да се НАФРЛАШ и од “нагазиште”. Ако нагази човек на некоја магија, на некоја самовила ноќе под стреите и воопшто од некакви “сторенија”. А за да не се случело вакво нешто, кога се излегувало ноќе под стреите, требало да се плукне. Така се губело дејството на магиите, на самовилите и на сторенијата.

Ех, кога би можело со плукнување да ги елиминираме и јазичните грешки!

Ќе се изнаплукавме.

Благоја Ивчески

Loading