ГИМНАЗИЈАЛЦИТЕ – НАЈДОБРИ САМАРЈАНИ

Миксот од поранешни и сегашни гимназијалци го урна континуитетот на победи на скопските училишта во државниот натптревар по Црвен Крст, освојувајќи го “златото”. Гимназијалците Теодора Попорданоска, Андреј Габроски, Симона Трајческа и Јован Белакапоски од четврта година, заедно со бруцошите – екс ученици од СОУ “Мирче Ацев” – Ивона Јованоска, Марија Јованоска, Антонио Филипоски и Јане Џумеркоски се покажале како алл-стар екипа. Да нема забуни, тимот бил составен уште во мај годинава, кога сите биле во гимназијата и го освоиле првото место во општинскиот натпревар по Црвен Крст. 

Митот дека училиштата од скопските општини се непобедливи го разнишала екипата на нашата гимназија лани, кога биле на трето место во Куманово, а целосен “мит-бастер” направиле во Велес годинава со освоеното прво место.

Натпреварот бил жесток, со 23 екипи кои се бореле за првото место. Сите имале по шест учесници на терен, плус двајца за резерва.

Бидејќи сите учесници сакале да помагаат од основното училиште, во средното им се погодила средината со достапната стручна литература и од гимназијата и од општинскиот Црвен Крст. Затоа, не им било тешко да освојуваат први награди на општинско ниво со ред. Дури 17 пати редовно гимназијалците не го попуштаат тронот на општински прваци.

За државниот натпревар со посветеност се подготвувале цел месец. Менторот Гоце Ѓорѓиоски им дал целосна слобода во вежбањето и не се разочарал. Направиле што е можно пореални услови за пружање на прва помош. Трудот се исплател во Велес. Секоја вежба ја изведувале “швајцарски” прецизно. Распоредени низ цел град, нашите работеле на четири работни места санирајќи три повреди. Покрај тимската работа, секој учесник вршел реанимација на “фантом” – кукла за оживување со вештачко дишење.

Санирањето на повредите било од различен карактер – труење со јаглерод моноксид, повреда на вратниот Äрбет, срцев удар, прострелна рана во градните, превенција на самоубиство, па дури и клиничка смрт.

Бодувањето било за обезбедување на местото на повредениот, негова согласност за помош, препознавање и санирање на повредата, проверка од второстепени повреди како и креативност, иновативност и комуникација.

 Андреј Габроски кажа дека при одлично изведената вежба за вадење на повреден во симулирана сообраќајна несреќа, за малку фалело да настане вистинска, затоа што тие во автомобилот го стартувале моторот. Но, сé поминало во ред.

Сите велат дека ова им претставува голема лична сатисфакција и врв на досегашните учества во натпреварите. Гимназијата ги наградила симболично со 4000 денари за поттик и како благодарност за трофејот кој го донеле.

Сега се свртени кон европскиот натпревар во Салцбург, Австрија, каде ги чека тешка конкуренција и услови толку реални, што ќе мораат да вежбаат и читаат уште повеќе, едновремено да внимаваат и на себе, затоа што таму ќе било пуштен вистински гас, ќе има превртен автобус, па наместо за еден ќе треба да се грижат за повеќе повредени, одредувајќи приоритети.

Loading