ЧАО, ЛЕТО

Се лаже кој мисли дека е лесно да се збогуваш со летото и да ја дочекаш есента. Уште потешко е ако седиш во клупата, треба да ја слушаш наставничката, да научиш нешто, да ја запомниш домашната, а сонцето те гали на обравчињата и ти иде да истрчаш од училницата право на зелената тревичка…

И што мораше и овој септември толку да брза?!? Ама тука е. Нема лабаво. Што е нужно, нужно е. Училишните денови се нижат, обврските мора да се почитуваат и вистинско нешто е екскурзијата. Супер! Ученичките чанти, само еден ден, наместо со книги се полнат со куп грицки, сокчиња и некој сендвич. Голема насмевка на лицето, дипле под мишка и сите на екскурзија – да му речеме чао на летото и следното побрзо да ни дојде.

Првачињата беа ем најрадосни, ем најзбунети. Првата екскурзија ќе ја паметат цела година. Ама тие умни глави, скришум ги погледнуваа поголемите ученици и сé правеа како што прават тие. Така полни со енергија, насмеани, основците ги наполнија училишните дворови и блиските излетнички места. Им се радуваа на последните долги и топли сончеви зраци. И го испратија летото и  ја дочекаа есента. Се знае, учењето почна!!!           

Loading