За викендов на Паркот на револуцијата
Неколку десетици љубители на мотори од земјава ќе дуваат свеќи на торта на прославата на третиот роденден на прилепскиот мотоклуб “Рисови” на мото фестивалот “Прилеп 2012” в сабота и в недела на Паркот на револуцијата. Во соработка со локалната самоуправа, на дводевната забава, “јавачите на ветерот” ќе дефилираат низ градот, ќе тргаат јаже и ќе се забавуваат со блузерите на Крозроду блуз бенд и дискџокеи. В недела ќе демонстрираат мото вештини в центар и ќе ја пружат својата рака во крводарителска акција. Тие ќе донираат во дневниот центар за деца со посебни потреби, а штитениците ќе им изведат програма на камената бина. Во знак на почит на прерано загината ѕвезда од естрадата, Тоше Проевски, македонските мото бајкери ќе го закитат со цвеќе неговото вечно почивалиште во Крушево.