СМИСЛОВНО, А НЕ БУКВАЛНО

Буквалниот превод, од кој и да е јазик, е непотребен а многупати и бесмислен. За жал, мошне често присутен. Го среќаваме на телевизиите, по весниците, а сме сретнале такво нешто и во преводите на литературни дела. Буквалниот превод може да биде употребен само во некоја крајна нужда, кога немаме или неможеме да најдеме соодветен израз или термин. Еве една реченица која на српски гласи: “Неќемо то да прихватимо НИ У КОМ СЛУЧАЈУ”. На македонски е преведено, “Нема тоа да го прифатиме НИ ВО КОЈ СЛУЧАЈ”. Буквален превод, бесмислена грешка, дури и нејасен исказ. Точниот превод и единствено правилен би гласел: “Нема тоа да го прифатиме ВО НИКОЈ СЛУЧАЈ”, може и ВО НИКАКОВ СЛУЧАЈ. Ама, така е тоа кога не се мисли доволно. Дури и во Библијата е направена таква грешка. Во едно од Посланијата на Апостол Павле до Коринтјаните, еден стих гласи: “Да не се лишувате НИ ОД КАКОВ ДАР”. Очигледно е дека преводот е правен од српски јазик, но наместо – “Да не се лишувате ОД НИКАКОВ ДАР”, преведувачот (непознат) го превел како што го превел. Кога ја споменавме Библијата, само ќе кажеме дека има многу, многу јазични грешки. Штета! Такви капитални дела се преведуваат ретко и така, грешките остануваат долго време.

Лоши конструкции во речениците среќаваме многу. Една од нив е карактеристична и мошне честа. Најмногу ја слушаме во рекламите, но и во други текстови. Ќе приведеме еден пример од еден поранешен дневен весник. Се рекламираат некои автомобили. Ефтини биле. Се продавале ЗА САМО 9000 евра. Се јавивме во редакцијата. Ја бараме лекторката. Ја добивме и и ја спомнуваме односната реченица.

– И што има тука грешно? – прашува таа.

– Па тоа – ЗА САМО 9000 евра. Зошто не е – САМО ЗА 9000 евра?

Лекторката арогантно објаснува дека ја знаела работата и дека тоа што било напишано било правилно.

– Добро, í велиме. Ако си купи некој човек леб за себе, како ќе ви рече? Купив леб САМО ЗА МЕНЕ или купив леб ЗА САМО МЕНЕ?

– Па вие така во секое време можете да ни барате грешки! – рече лекторката и ни го затвори телефонот.

Но, грешката не е грешка дека некој ја открил, туку дека некој ја направил. Слушајќи ги на телевизиите грешките ги прифаќаат и другите луѓе. Особено продавачите. На колку ли излози сме прочитале – ПАТИКИ ЗА САМО 1000 денари, КОШУЛИ ЗА САМО 300 денари! Погрешно е тоа. Ако се продаваат патиките за 1000 денари, ако е тоа ниска цена и ако сакаме тоа да го нагласиме ќе речеме – САМО ЗА 1000 денари, а не – ЗА САМО 1000 денари. Ако се продаваат кошулите за 300 денари и ако сакаме, исто така, да потенцираме дека е тоа многу ефтино, ќе речеме – САМО ЗА 300 денари, а не ЗА САМО 300 денари. Ако сакаме некому да му забележиме дека е себичен, ќе му речиме дека си гледа САМО ЗА СЕБЕ, а не ЗА САМО СЕБЕ. Овие грешки се секојдневни, а лекторите никаде ги нема.

Планот за изградба на фабриката бил готов и ИСТАТА ќе почнела да се гради по еден месец.

Извршена била кражба. Крадецот избегал. Полицијата трага по ИСТИОТ.

И овие грешки се мошне чести. Чудно е зошто лекторите не интервенираат. А и самите новинари треба да го знаат тоа. На заменската придавка ИСТИОТ (ИСТАТА, ИСТОТО), не им е местото во ваквите реченици.  Кога станува збор за фабриката, реченицата треба да гласи дека ТАА (не ИСТАТА) ќе почнела да се гради по еден месец.

Што се однесува до крадецот кој избегал, полицијата ќе трага ПО НЕГО (не ПО ИСТИОТ).

Друго е ако треба да се каже дека ИСТИОТ човек извршил и други кражби.

Рековме дека ИСТИОТ, ИСТАТА, ИСТОТО се заменски придавки и неможат и несмеат да се употребуваат како заменки .

За несреќа, овие грешки ги слушаме редовно во телевизиските емисии, но ги среќаваме и во литературни текстови.

Благоја Ивчески

Loading