НЕНАДМИНАТ СКОК НА ТОФОСКИ ОД 1953-ТА

Атлетика: Рекорди на Прилеп

Во висина прескокнал 175 сантиметри

Кои се прилепчаните со најголеми достигнувања во атлетиката? Има дисциплини, каде рекордите не се надминати повеќе од половина век. Некогашниот голман на Победа, Веселин Тофоски бил сестран спортист. И атлетичар. Четирипати  скокнал во височина над 175 см.

– Двапати прескокнав додека студирав на ФФК во Белград, во 1953 и 1954 година. Резултатот го повторив како член на АК Работнички, на митинг на градскиот стадион во Скопје, 1954 година. По година – две, истата височина ја прескокнав и во кругот на прилепскиот гарнизон, на пуштањето на спортскиот комплекс – се сеќава Тофоски.

Скоковите се изведени во американска техника “стредл”. Залетот е со десетина чекори, одразот со едната нога и рака со цел ротација на телото, со градите над летвичката. Доскокот е на рацете, рамото, странично. Се верува дека доколку Тофоски користел посовремена техника и се посветел само на атлетиката, имал предиспозиции да скокне над два метра.

– Тоа се само претпоставки. Потребни се стручен надзор, многу труд, месеци и години. На натпревар одев без подготовки – открива Тофоски.

Според тренерот на АК 3 Ноември, Ѓорѓи Гешоски, моментно важат следните рекорди за Прилеп: жени 1500 метри – Даниела Кулеска 4,26 минути, 100 – Александра Спасеска 12,47, далечина – А. Спасеска 5,55, височина – Мери Гичева 165,400 – Христина Ристеска 57,82, маратон 30 км. – Гордана Петреска 2,05 ч. Мажи 100 – Ицко Јанкоски 11,05,  ѓуле – Борис Ковески 12,15, копје – Б. Ковески 53 метри, далечина Сашо Цветаноски 6,20 метри.

Loading