НА СЦЕНА ШЕКСПИРОВАТА “ОД ВЛАКНО, ОРТОМА”

Од влакно, ортома” (“Многу врева за ништо”) е новата претстава што се подготвува во театарот. На текст од Шекспир режисер е Србинката Ива Милошевиќ, која првпат соработува со македонски театар.

Милошевиќ првично е задоволна што соработува со нашиот ансамбл.

– Првпат  режирам во Македонија. Го одбрав прилепскиот театар, заради сјајниот ансамбл од млади актери – вели таа.

Првпат се среќава со Шекспир, иако е потписник на бројни режии  и е добитник на повеќе награди, а нејзини претстави се играни низ Европа и Латинска Америка.

– Шекспир е предизвик и го предложив да го работам. Текстот кореспондира со денешницата и со филозофијата на младите луѓе, со циничниот и сомнителен однос кон љубовта – вели режисерката.

Во претставата, која премиерно ќе биде прикажана кон крајот на октомври, ќе играат Даниела Иваноска, Александар Степанулески, Зоран Иваноски, Наташа Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Никола Настоски, Влатко Ѓорѓијоски, Марјан Чакмакоски и Андон Јованоски – Ашата.

“Многу врева за ништо” е претстава од годинешната програма на театарот поддржана од Министерството за култура. Во програмата досега беа прикажани “Змејовата невеста”, а со сопствени средства ЦК “Марко Цепенков” ги реализираше уште урнебесната комедија “Од кол на кол 2” и урбаната претстава “Антиумешност”.

Loading