“Солза”, мозаик висок пет, широк три метри, со неправилна форма, посветен на прерано починатата музичка ѕвезда Тоше Проевски, изработи нашиот уметник Ристо Тошески – Ице. Во креативниот труд е вложено творештво од четири години. На 16 октомври, на денот на загинувањето на Тоше, мозаикот ќе биде поставен на Арт плоштадот, а околу ќе има езерце, преку кое ќе се отсликува мозаикот со целата негова големина.
Тошески со многу труд и љубов вградил во камчињата, собирани од цел свет.
– Го сметам за грандиозно дело, соодветно на делото на Тоше. Го создавам, откако почина Тоше, а сега се оконча творбата за големата музичка личност. Инспирација црпев од неговото дело, од животот. Беше морална личност, со чиста душа, што е реткост во ова време. Имаше срце и душа со кои создаваше сé – раскажува Ристо.
Каменчињата со кои е изработен се рачно селектирани. Сите се иста големина.
– На мозаикот е пренесен неговиот живот, творештвото. Поставен е неговиот лик, тука е ангелот од Курбиново, впечатлив, кој ја пренесува убавината, а 26-те цвеќиња ги симболизираат годините, кога почина. Оставив простор за мечињата, за двете цреши, како и за свеќите. Најдолу е пораката од Тоше дека сите ги сака. Тоа е и пораката на мозаикот – да се сакаме сите, оти животот е краток – вели Тошески.
Проески е роден во Прилеп, каде ги доби и првите аплаузи за интерпретации на фестивалот Мелфест.
Благослов е да си уметник
“Да се биде уметник е благослов. Благослов – оти го работиш тоа што го сакаш. Создаваш, значи живееш. Иако сум професор по физичко воспитување, уметноста го исполнува животот. Освен што сликам и пишувам, објавив две драми – вели Тошески.