Ракомет
Помеѓу две првенствени суперлигашки кола, Жито Прилеп блесна на пријателски, меѓународен меч со грчкиот шампион Орми Патрас. Во арената “Сонце”, тимот на Борче Марковски триумфираше со 32-19 (18-8). Најефикасни беа Здравевска и Мркиќ по седум, Стојановиќ и Шалевска по пет гола.
– Физички бевме поподготвени. Одредени групни елементи подобривме во одбраната, во контра и полуконтра форсираме побрза игра. Имаше и падови, кога им дававме шанса на младите – вели Марковски.
Ова беше десеттиот меѓународен тест сезонава. Постигната е втората победа. Мечевите се корисни, бидејќи за одржување на формата и прогрес во играта мора да има квалитетни ривали, какви нема во домашната лига. Планирано е продолжување на соработката со Гркинките.
– Секоја можност ја користиме за пријателска. Подготвени се приближуваме до европскиот двомеч со Швеѓанките – истакнува Марковски.
После неодиграниот првенствен натпревар дома со Ел Коритон од Кратово, тим кој не допатува, в сабота е гостувањето кај Металург јуниор во Скопје. Се очекува сигурна победа, со оглед на квалитетот и искуството, на страната од Жито Прилеп. Впрочем, на тестовите летоска овој противник беше двапати совладан со три и 16 гола разлика.
– Имаме респект бидејќи се работи за талентирани девојки од Металург јуниор, идни младински репрезентативки. Мораме сериозно да пристапиме во играта – порачува Марковски.
Викендов нема ниту машки ракометен меч. Во рамките на 1. коло од Првата лига, екипата на РК Прилеп оди во Скопје, кај РК Драчево.
![]()

