Фудбал
Победа е петта, 11 Октомври деветти, а Корзо 13-то
Денот се познава по утрото, а првенството само по пет кола. Надежта беше барем еден од трите второлигаши да тргне кон највисокиот ранг. Засега планот е закочен. Победа јуниор е петта со девет, 11 Октомври деветти со седум, а Корзо 13-то со четири бода.
Победа јуниор како да имаше најдобра ждрепка и распоред, а според брендот, сите очекувања беа да наметне кандидатура за прво место. Подмачкано одеше до третото коло, каде се сопна од 11 Октомври. Загуби и од Македонија во Ѓ. Петров (2-0) и наместо со 12-13 бода и да биде рамо до рамо со лидерот Миравци, гледа од петтата позиција. Утре дома игра со Локомотива.
Тимот на 11 Октомври излезе со скромни амбиции, поради најмладиот состав. Дома не го победи Новаци и се чинеше дека ќе паѓа се подолу. Но, како што се коментира “Партизан со сите да губи, душа дава да ја тепа Звезда”, така и 11 Октомври најдобро се покажа со Победа и дербито го доби да се знае дека има сили во овој тим. Славеше ненадејно и во Кавадарци, а непростив кикс е поразот дома од Руфеја (1-3). Утре гостува на Гостивар.
Корзо најави борба за опстанок и ја бие од старт. Не игра лошо, подобро не може без терен, но се паѓа на неискуството, оти речиси сите ривали се поискусни фаворити. Одбраната има изгледи да се среди, за нападот потешко, доколку шпицовите се осамени. Еден гол од пенал за 450 минути е нула. По ремито со Тиквеш (0-0) утре е гостувањето кај Руфеја.
Шалев демантира
Директорот на Тиквеш, некогашниот лев бек на Победа, Тони Шалев, ги дематира шпекулациите дека Тиквеш дома му пуштил на 11 Октомври.
– Глупи измислици кои го девалвираат успехот на децата. Не надиграа во второто полувреме. Од срце им честитам – вели Шалев.
![]()

