ИДНИНА ВО СОУ “ОРДЕ ЧОПЕЛА”

Како и во сите стручни средни училишта, така  СОУ “Орде Чопела” се движи со времето со нови профили. Новите знаења до кои ќе дојдат учениците, ќе им понудат добар почетен скок во пазарот на трудот.

Учениците ги пренесуваат мотивите за нивното запишување на одредениот профил. Од профилот хортикултура, Васе Петреска и Симона Атанасоска, кажаа дека им лежело одгледувањето на цвеќињата и други растенија, па и љубовта кон природата решиле да ја покажат и на овој начин. Тие првпат се сретнуваат со нови стручни предмети, како метеорологија, но преодот од основно во средно образование им бил лесен, а интересот ќе се зголемува како што одминува времето.

Идни агроменаџери ќе се Михајло Бумбароски и Марио Дурдубак. Михајло веднаш откри дека не му бил тежок изборот, затоа што неговата фамилија поседува ниви и земјоделска механизација. Затоа сакал теоретски да го научи тоа што практично го осознавал на нива. Кај Марио, мотивите се поразлични, затоа што во иднина се гледа како менаџер на некое земјоделско претпријатие или директор на фирма од таа област.

Од најновиот профил – геодетски техничар, како портпарол на групата беше Сара Ѓорѓиоска. Таа во името на групата рече дека со одличните успеси во основно образование за математика и ликовна уметност, геодет е токму професијата која им одговара. Со мерење, планирање и уредување на просторот научено од книга, но и практично гледаат светла иднина. Групата едногласно рече дека не го сетила преодот на образовните установи од пониска во повисока.

Најспремни со одговорите и со мислењата за иднината беа представничките на профилот техничар за очна оптика. Андреа Димитриоска и Сара Стеваноска од деца сакале да знаат сé за “човековиот прозорец кон светот” – окото. Велат дека не би ја смениле струката ни под еден услов. Се запознаваат со стручните предмети, а со душа чекаат практична настава. Од сега имаат скроен план за високо образование. Андреја сака да оди на факултетот за безбедност, а Сара, острото око, или тоа што го научила за него, да го искористи на ликовна академија.

Нутриционистите беа најзастапени. Тешко се вадеше некој збор од нив. “Главна” беше Елена Ѕвездакоска. Според неа, редно е да се стави ред во исхраната и да се образуваат кадри кои стручно ќе знаат да кажат што значи “пирамидата на исхрана” и да даваат диети за слабеење и добивање на телесна маса, стручно и со научни знаења.

Учениците од СОУ “Орде Чопела” со радост и љубопитност влегуваат во трката за знаење  долга четири години.  

Loading