И БЕРБА, И ОТКУП НА ТУТУНОТ НАЕДНО

Висок квалитет на родот

Тутунарите негодуваат на ниските цени, нескладни со растот на животните трошоци

Додека едни тутунари ги собираат листовите, други ги нижат и ги оставаат за сушење, дел од кооперантите веќе го предаваат подготвениот род на откупните фирми веќе во предвремената откупна кампања на тутунот, која годинава во прилепско ќе “тежи” околу 13 илјади тони или колку лани. Откупните компании Сокотаб од Битола, Алијанса од Кавадарци, откупувачот Пашовски ги отворија вратите на пунктовите за предвремен откуп. Наскоро и Тутунскиот комбинат ќе има предвремен откуп во картонски кутии.

Стручнаците оценуваат дека годинешниот род е со висок квалитет, поради малкуте врнежи летоска, но затоа потфрлува квантитетот.

– Бербата ќе биде над просечното ниво, поради повисокиот квалитет и зголемениот интерес за производство на тутун. Количествата бележат пад, поради сушата, но квалитетот ќе ги избалансира приходите на тутунарите. Од околу 12 илјади кооперанти, се очекуваат околу 13 илјади тони ориентален тип на тутун “Прилеп”. Тријат раце дел од тутунарите поради малку зголемените цени и поради квалитетот, особено оние чии насади се под систем за наводнување – велат експертите од Институтот за тутун.       

Тутунарот Илија Кочоски направи сефте со околу 280 килограми во предвремениот откуп во битолски Сокотаб.

– Родот го проценија за втора и трета класа. Не сум задоволен, иако проценката не е лоша. Квалитет носиме, но цените се ниски со оглед на растот на животните трошоци. За почеток предадов само 280 килограми. Се надевам дека брзо ќе ги земам парите да закрпиме дел о давачките за петчленото семејство без ниту еден вработен – вели Кочоски.

Лист по лист набодува на игла Снежана Сливоска. Вели дека нивата од два ипол декари е полна со тутун.

– Береме шеста, ќе има седма, а можеби и осма инсерција (рака), ако се задржи сончево време. Квалитетот е висок, во споредба со лани. Не знаеме како ќе се проценува и какви ќе бидат цените во кавадаречката откупна фирма – вели Сливоска. 

Претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески оценува дека откупувачите се стремат побрзо да дојдат до родот.           – Тутунарите сакаат побрзо да стигнат до парите. Исплатата ќе се врши за 7 до 10 дена  – вели Милески.

Потпретседателот на Владата Зоран Ставревски неодамна потврди дека и годинава тутунарите ќе бидат субвенционирани со по 60 денари на секој предаден килограм тутун.

Европа го штити ориенталецот 

Европската комисија нема да ги забрани производството и трговијата со ориентален тутун, ниту некогаш помислила да преземе таков чекор, изјави Фредерик Евансон, портпарол на еврокомесарот за здравје и потрошувачка политика.

– Комисијата не планира, ниту разгледува какво-било прашање за забрана за одгледување на видови на тутун, вклучувајќи го и ориенталниот. Такво нешто не планираме ниту сега, ниту за во иднина. Не знам од каде излегле такви шпекулации дека ЕК ќе воведе некаква забрана за производство на ориентален тутун, кога за тоа никогаш не било разговарано – изјави Евансон.

Ставот на ЕК за ова прашање доаѓа како реакција на шпекулациите во Македонија и Бугарија дека ЕУ ќе го забрани производството на ориентален тутун.                                                                                                                       

Loading