ООУ “Страшо Пинџур” во селото Мало Коњари
Дотерни “како кукла” се централното училиште и подрачните во Големо Коњари и Кадино Село
Во селото Мало Коњари се наоѓа основното училиште “Страшо Пинџур” со подрачните училишта во Кадино Село и Големо Коњари. Куриозитет е тоа што централното училиште во Мало Коњари, кое нуди образование до 9-то одделение, е поново од тоа во Големо Коњари кое датира од 1924 година и е најстар наменски објект за образование во општинава.
Од 2006-та година на чело на училиштето е директорката Виолета Димеска, која пред тоа ги извршувала задачите секретар и благајник.
– Покрај тоа што училиштето е отворено во учебната 54/55-та година, а подрачните во Кадино Село во 1947 и во селото Големо Коњари во 1924 година, воопшто не се чувствува старост на објектите. Тоа се должи на постојаното вложување на локалната самоуправа во образованието, каде ние не сме заборавени. Напротив, голем е бројот на реновативните зафати и ново изградените објекти. Се смени покривот, подот, училиштето се молериса, целосно се промени столаријата и дограмата и се изградија две игралишта за ракомет и кошарка. Во подрачното училиште во Кадино Село се преземени истите зафати, со тоа што таму се замени и старата електрична инсталација. Најголеми вложувања општината направи во училиштето во селото Големо Коњари. Таму најголем проблем беше скаличниот простор, кој беше од дрво, а се замени со бетонски скалила. Освен тоа, се поставија керамички плочки во ходниците, се бојадисаа училниците и ходниците, се промени дограмата и столаријата, а со новата фасада се промени и надворешната физиономија, небаре нов објект – вели директорката Димеска.
Наставничка посветеност во мали паралелки
Бидејќи подрачните училишта ги образуваат учениците до четврто одделение, редовно ги пренесува учениците и наставниците до централната деветтолетка во селото Мало Коњари. Во училиштето, образовен процес следат 167 ученици кои се под надзор на 27 редовно вработени, а за дополнување на часовите доаѓаат уште осум наставници од градските основни училишта. Во ОУ “Страшо Пинџур” учат и децата од селото Славеј, иако припаѓаат во општина Кивогаштани.
– Наставничкиот кадар е релативно млад и е полн со елан за работа и за следење на сите новини и реформи во образованието. Најдобар доказ е освоеното прво место за новини во образованието на европско ниво одржано во Лисабон, Португалија, каде бевме партнерско училиште со подрачното “Кирил и Методиј” – објаснува Димеска.
Со осум училници, кои се пренаменети за кабинетска настава и опремени со нови нагледни средства и спортската сала со сите потребни спортски реквизити, сосема е намален јазот меѓу стандардите на “градските” и “селското” училиште. Како своевидно интерно оценување, неколку години го следат успехот на учениците кои завршиле основно училиште и го споредуваат со успехот во средните училишта каде што се запишале. Позитивно се изненадени дека нема отстапки во оценувањето.
– Соработката со родителите и со локалното население е одлична. Се трудиме да го оствариме секој предлог на родителите. Населението секогаш излегува во пресрет. Последен пример е тоа што со механизација издупчија бунар за техничка вода, потребна за летниот период, затоа што притисокот се намалува. Со советот на родителите организираме и традиционален Велигденски панаѓур. Учествуваме на сите манифестации во градот. Одлично соработуваме со градските училишта, па сме чести гости на нивните патронати со рецитирање песни и изведба на пригодна програма – кажа Димеска.
Наскоро и парно греење
Бидеќи наставниците работат во паралелки со помал број на ученици, подобро се посветуваат на децата. Неколку наставници одбиле да преминат во градските училишта, покрај слободните места. Дополнителната настава е задолжителна за секој наставник. Таа не се однесува само за учениците со слаб успех, туку и за учениците кои сакаат да добијат подобра оценка по некој предмет. Успешна е и соработката со советувањето на родителите за учениците со послаб успех и недисциплинирано однесување, која вродува со плод.
Дека не заостануваат зад градските училишта, доказ е третото место во женски фудбал, освоено лани на државно ниво, како и постојаните успеси на учениците во математичките натпревари. Учениците изработиле еден од десетте најдобри спотови за превенција на насилството во училиштата.
– Планираме пренесување на надворешните санитарни јазли внатре во училиштето во селото Големо Коњари и промена на електричната инсталација. Во централното училиште има можност да се вгради централно греење. Но, за тоа е потребно да се изработи документација. Сигурни сме дека можеме да го оствариме тоа – заврши Димеска.