ЕМ УЧЕНИЦИ, ЕМ БОРАЧИ

Во ОУ “Гоце Делчев”

Тројцата осмоодделенци од ОУ “Гоце Делчев” – Дино Еленин, Леонардо Насески и Теодор Темелкоски ги “собраа” златата на натпреварот во борење за Денот на независноста 8-ми Септември. Биле поканети и гости од странство, ама не се појавиле, па нашите тројца борачи биле во мегдан со 70 натпреварувачи од цела Македонија.

Леонардо на душек кутнал радовишанец, штипјанец и кочанчанец, а Теодор – скопјанец, радовишанец и штијанец. Лесно го освиле златото, затоа што редовно тренираат во училишната сала. За возврат, од училиштето добиваат бесплатен превоз во државава, слободна сала за тренинг и, ако треба, финансиски средства.

Во три категории – до 35 кг., до 45 и според возраста, злато за останатите не останало.

На Леонардо и Теодор, борењето им е во крвта, па тренираат од четврто одделение. Оттогаш освојуваат награди. Леонардо има вкупно 10, а Теодор девет дипломи, награди и пофалници. Двајцата ги преминуваат границите на земјава, па биле и во Италија, Косово, Бугарија и Унгарија. Со досегашните успеси претендираат за спортска стипендија, а за понатамошното образование го меркаат профилот спортска гимназија при СОУ “Ристе Ристески – Ричко”.

Велат дека борењето е тежок спорт во кој се вклопуваат силата, вештината и техниките кои постојано ги увежбуваат со тренерот од 7 Мај Леов. Го преферираат слободниот стил на борење, но и тука се битни правилата и загревањето пред секој натпревар.

– Пред натпревар и најискусниот борач мора да се загрее со вежби за истегнување, затоа што не е редок случајот да се скрши коска, да пукне ушно тапанче или да се истегне мускул – професионално објаснува Леонардо.

Неделно тренираат четири пати, а ако ги очекува натпревар, секој ден. Наоѓаат време и за борење и за учење, па сите се примерни ученици.

Loading