Вал
Пратки за 240 земји во светот
Чаши од Бохемија со жиг
Иако по струка е дипломиран градежен инженер, Владо Стеваноски, сопственикот на фирмата Вал која постои веќе 12 години, успешно се снаоѓа во трговијата на стоки за домаќинството и услугите со брза пошта. Немањето на работа во струката, го натерало да ги совлада тајните на тргувањето, да патува низ земјите во светот, да стане експерт за финансии и биде овластен агент за ДХЛ – брзата пошта.
– Главна преокупација на фирмата е трговија на мало и големо со производи за домаќинството. Дополнителна дејност ми е што сум овластен агент на ДХЛ, веќе 11-та година. ДХЛ е брза испорака на пратките, пред сé безбедна. Секој ден лета авион од ДХЛ од скопскиот аеродром. Пратките не се пуштаат со комерцијалните летови.Значи, ако нешто треба брзо и безбедно да стигне, се праќа по ДХЛ. Тоа е глобална компанија што покрива 240 земји во светот, ја опфаќаме Европа, Австралија и САД и останатите континенти. Цените на услугите се по тарифа на документи и тарифа на пакети. Зависи дали е кеш или вирмански платено и се движат од 1890 денари па нагоре, по тежина. Прва зона е 1890 за тежина до 250 грама. За Америка има екстра цена и е 1415 денари, плус на цената од тарифата за прва зона затоа што САД и Канада се четврта зона – вели Владо Стеваноски.
Прилепчани го знаат Вал и по дуќанот на Булеварот, во кој има богата понуда на ситна бела техника, тенџериња, чаши, ситен и покрупен кујнски прибор, затворачи и отворачи, прибори за јадење наменети за домаќинство и за ресторани. Нудат и полуксузни предмети, како што се кристалите од Бохемија, кои најчесто се бараат за подарок.
– Има муштерии, но може да биде и подобро. Глобална криза е. Куќните апарати се купуваат, бидејќи се потрошен материјал. Продавам стока која е различна од конкуренцијата, која “тера” без документи и фискални сметки, а на квалитетот кинеските производи е без жиг. Кинески стоки има по 100 денари, а кај мене од Италија се 300-500 денари. Сите се сертифицирани за употреба во прехранбена индустрија. Луѓето користат на нивен ризик. Мене профитот не ми е на прво место, туку приортет ми е муштеријата да биде задоволен – објаснува Стеваноски
Како дипломиран градежен инженер, по едногодишниот ангажман во Металец, сметал дека со трговијата најлесно може да се преориентира. Задоволен е со бизнисот, иако вложува многу труд, но стекнал авторитет кај потрошувачите.
АМЕРИКА ЗА ДВА ДЕНА
Безбедноста е најбитната особина. Се знае во секој миг каде е пратката пуштена со ДХЛ.
– Пратките за Европа стасуваат за еден работен ден, а за Америка два работни дена, Австралија три работни дена. Прилепчани користат, оти се освестија дека за 500-1000 денари плус, имаат максимално безбедна пратка. Се праќаат документи, пасоши, лекарски изводи, рентгентски снимки, документи за уписи за училишта. Фирмите праќаат примероци од производи за учество на тендери -вели Стеваноски.