БОЖЈИ РАЈ ВО МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ

Значаен национален монумент кој ќе биде поврзан со асфалтен пат

Во пазувите на врвот Златовор, манастирот Трескавец со црквата на Успение на Пресвета Богородица веќе девет столетија сведочи за богатото културно и духовно наследство. Прилепчани и други намерници секоја година на празникот Богородица масовно го посетуваат манастирот, се поклонуваат на мајката Христова и духовно се нахрануваат, не штедејќи се неколку часа пеш низ беспаќето да стигнат горе во рајската убавина.

Локацијата е одбрана не случајно, бидејќи просторот е како седело, природно заштитено од сите страни. Со приказната дека Бог го чува од манастирот од невреме и трескавици, местото го викаат Трескавец. Се пренесува преданието и денес дека монасите од дамнина поставиле златно јаболко на највисоката точка од 1300 метри над комлексот да го чува манастирот од чести грмотевици. Затоа се вика  Златоврв.

Со поглед на Пелагонија како на дланка, комплексот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, католиконот, трпезаријата, влезната порта со кула-камбанарија и конаците. Архитектонскиот дизјан е својствен за 12 и 13 век, со исклучителни иконографски вредности и фрескоживописи.

Трескавец е значаен национален монумент. Затоа се најде на списокот за заштита меѓу стотте култорноисториски споменици во светот.

{vsig}REPORTAZA/223/treskavec{/vsig}

Корените во 6 век

Првиот христијански храм кај Трескавец датира од шестиот век, а во 14 век манастирот бил на удар на разурнувачи. Но, не за долго. За неполни сто години бил обновен и била вратена автентичноста со нови религиски орнаменти, специфични за тој период. Но духовното светилиште Трескавец било погодено и од огнена стихија во 19 век. Според кажувањата на стари прилепчани, собраните 10 илјади гроша наместо за женско црковно училиште, се пренамениле за обнова на манастирот. Пламен однесе дел од комплексот и во 1990 година, за денес да биде доведен во добра состојба и да стане пребивалиште на мало монашко братство.

Манастирската трпезарија од 14 век со седишта од камен и долга камена трпеза со посебно вдлабнати места за нозете е своевидно мајсторство и чудо на мајсторите на вајарството. Тоа било симбол на посветенеоста кон Мајката Христова. Затоа обработувале по дватонски блокови, претворајќи ги во седишта за монасите. Фрески од 17 и 19 век се насликани во ѕидовите во трпезаријата, а под нив се препознава уште постар фрескоживопис. Копаничари од познатата Слепчанска резбарска школа ја вајале портата во плитка дрвена резба.

Теолози објаснуваат дека фрескоживописот е необичен. На една од куполите е насликана претстава за Божјиот Син како небески цар во трон со евангелие. Покрај него, во композицијата, е Царицата Богородица и царот Давид. Околу нив света војска пополнета со херувими, серафими, архангели и ангели. Осум свети војници се меѓу пенџерчињата, поинакви од вообичените композиции каде секогаш се најдувале Свети Ѓорѓи и Свети Димитриј претставени како јунаци.

Манастирот не бил само монашко седиште, туку книжевно средиште. Таму монаси пишувале ракописи со широко распространета препишувачка дејност.

Легендата за масакрот на монасите

            Јордан Хаџиконстатинов Џинот запишал легенда според која  султанијата Кала-Мара, која била една од жените на турскиот султан Мурат Втори, застанала да се причести во манастирот на пат кон вилаетот во Мариово. Владиката не ги отворил портите и не дозволил причест за султанијата, оти живеела во брак со некрстениот султан. Кала-Мара се налутила и им наредила на 500 војници да го урнат манастирот и да ги заколат сите монаси. Според некои сознанија биле 300, а други извори велат дека 700 монаси завршиле од ножевите на збеснетиот аскер. Само Владиката бил оставен жив.

Некои историчари толкуваат дека султанијата од преданието била ќерка на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ од бракот со неговата втора жена Ирена Кантакузина. Кала-Мара била родена во 1417 година и се омажила за султанот во 1435 година во Едрене.

Трескавец е богат со докази за цивилизациско присуство од памтивек. Аргументи се два натписа на мермерни постаменти на Аполон и Артемида кои потекнуваат од вториот век, во Римската епоха. Тие се сведоштва дека живееле луѓе во населбата Колобаиса. Недалеку е и просторот Бунар и Гумење и индикации на голема некропола со корени од предхристово време.

            Молитва за Богородица

            Отец Калист ја пренесува молитвата на илјадници монаси испосници, исихасти кои низ вековите се подвизувале во манастирот и околните пештери преку бојата на благодетта која Нашиот Спасител ја излева во изобилие на нестварна питомина среде суровоста на монолитните карпи.

“Откраднат од минатото да сведочи за вечноста, Трескавец опстојувал во слава на Онаа која достојно блажена ваистина ја нарекуваме. Онаа која е почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите. Онаа која е Преславна Приснодева и Мајка на Нашиот Бог, нашата поборница и војвотка Пресвета Богородица”, се вели во написот кој го пренесува монахот Калист.

Трескавец  на Би Би Си

Британската телевизија ББЦ сними една од епизодите на документарната серија “Нова Европа на Палин”, посветена на манастирот. Серијата е конципирана на потенцијалите на манастирите да станат туристички дестинации, како дел од богатото македонско културно наследство. Документарниот филм е емитуван на програмите на поголемите светски телевизиски куќи.

Манастирот Богородица е на списокот на 100-те најзагрозени споменици на културата во светот.

            Тргнува градбата на патот

            Министерството за транспорт и врски ќе вложи над 90 милиони денари во градба на патот за манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец. Патот, во должина од 7,5 километри, широк 3,5 метри, ќе го поврзува манастирот со патната мрежа во општинава.

            Почетокот на патот ќе е кај Новите гробишта. Првите 3,5 километри се  низ рамничарски терен.                                                                                                      

Loading