Пред четириесетина години, многу простор се одделуваше за безбедноста. Покрај војската, државната заштита од “внатершниот и надворешниот” непријател беше доверена на чување и на таканаречената територијална одбрана и на цивилната заштита. Системот често беше ставан на проверка на подготвеноста за интеревенции при надворешна агресија, а цивилната заштита се спремаше за борба со елементарни непогоди.
Во една таква контрола на спремноста на системот за цивилна заштита, наречен “Сите во одбрана и заштита” – СВОЗ, властите ги запалија остатоците од анот на Стевананџиовци на местото каде денес е џампинг фонтаната пред Центарот за култура. Единиците за борба со пожари тренираа на распаднатиот ан од стотина квадрати, како би гаснеле во случај на поголема огнена стихија. Го сардисаа објектот со разноразни средства за гаснење и противпожарна заштита и успеаја да не дозволат проширување на пламените јазици. Вежбата на цивилната заштита беше транспарентна, со стотици погледи на љубопитните прилепчани, кои дури и аплаудираа на ефикасноста.
На местото на интервенцијата останаа само урнатините, кои десетина години подоцна исчезнаа со никнувањето на Центарот за култура.