Повозрасните знаат дека во населбата Аличаир постоеше зоолошка убаво уредена градина со камени и метални кафези во кои беа сместени и се одгледуваа неколку десетици европски, но и африкански и азиски животни. Мечка, лав, волк и други животни беа само дел од жителите на градината, кои ги привлекуваа децата. Дури некои наставници ги водеа одделенијата во организирана посета на животинскиот парк. Мајмуните беа најатрактивни зато што пуштаа гласови, пружаа раце. Децата си поигруваа без да ги вознемируваат со понуда на семки. Страв в коски влеваа лавот и мечката.
Но со времето, градот не можеше да ги одгледува животните и тие се преселија во побогати средини. Остана само еден дом од зоолошката градина, а тоа е на мечката, кој и денес зјае празен да сведочи за едно време кога прилепчани, дел од слободното време го минуваа со децата и во дружба со животните од повеќе континенти.