Примариус д-р Благоја Дамески
Ништо не смее да стои на пат во мозокот, додека се игра шах
Древната индиска игра од шестиот век, по која и владетелите ја добивале титулата Шах, до ден денешен не е променета. Полињата се исти, 64 црно-бели, фигурите се исти, потезите се исти. Меѓутоа играњето шах никогаш не е здодевно или репетитивно. Цел спектрум на раздвижување на пиуните, коњите, ланферите, кралот… не дозволуваат ниту еден здодевен миг, ако се сака оваа игра.
Оваа игра претставува алфа и омега за д-р Благоја Дамески, кој од шест години почнал да ги движи 16-те фугури на црно-белата табла во тогашниот пионерски дом.
– Стекнав три титули примариус, па може да се рече дека сум примариус на куб. Спиењето го сметам за губење време. Затоа успевам да бидам присутен на шаховски натпревари, да пишувам книги, да бидам политички активен и да имам време за семејството – загадочно кажува Дамески.
Со фигурите се буди неможното
Шахот нема негативности. Го буди најдоброто кај човекот – трудољубливоста, упорноста да се успее при речиси неможни околности и истрајноста. Иако прва љубов му е шахот, некогаш го исклучува, па се посветувал на учењето, на работата, на фамилијата, но секогаш се враќа на неговата опсесија – таблата со шаховски фигури.
Додека врсниците, како деца, ја совладувале азбуката и бројките во прво одделение, негов прв “противник” му бил другарот Ристо Кизов. Секогаш се изненадувале еден со друг, вадејќи исечоци од весниците да имаат подобро отварање и поинтересни потези. Толку биле емотивно поврзани со оваа игра, што неуспехот – матот, секогаш водел до солзи кај еден од нив.
– Шахот е наука. Археолозите откриле дека древната игра се играла на повеќе континенти скоро истовремено. Таа не е човечки изум. Не е можно, по повеќе од 1400 години, да се играат нови и невидени потези со интересни завршници. Мора да е измислен од нешто надчовечко – го кажува своето видување докторот по детска стоматологија.
Тој минал низ многу досетки и анегдоти низ играта со невработени, вработени, секакви профиле на луѓе. Имало многу необични, понекогаш комични случаи во шаховската кариера, зашто, според него, шахот е цврсто врзан со хуморот. Ама англискиот хумор – краток, суптилен и малку сатиричен.
– Генс уна сумус (Сите сме едно). Вака му честитав на градоначалникот на Асеновград во Бугарија за организацијата на шаховскиот турнир. Но, тој не го разбра шаховското значење на мотото, па го стави во политичка конотација. Затоа после се извинуваше – кажува Дамески.
Книга за 64 црнобели полиња
Книгата “Танцот на фигурите” е библија за сите романтичари за шахот.
– Со подарен примерок, задолжително давам посвета која мора да е поврзана со личноста. Не е лесно. Кога немам инспирација, велам “денес Каиса (богинка на шахот) не е со мене”, па наидувам на разбирање. Пренесов доста анегдоти, кратки приказни од одиграни партии, но и сведоштво за мешањето на политиката во шахот. Има дел, во кој се кажува за кодошот присутен во шаховското друштво. Кој би помислил дека таква бенигна работа, како играње шах, може да предизвика интерес кај службите, па дури и некои од нас да завршат на ноторниот Голи Оток – кажува Дамески кој неколкупати бил првак во шах во поранешна Југославија, а бил и репрезентативец.
Докторот ги проценувал противниците според карактерот на играта и начинот на играње. Знаел со каква личност игра. Интуицијата и скоро детективското дедуктирање на најмалите детали може да биде клучот за победа или пораз.
– Најголемо понижување кон противникот е ако не си облечен како што прилега. Тоа е непочитување на играчот. Едноставно, го сместува класа подолу од него. Никој сериозен шахист не смее да доцни на закажаниот натпревар, оти секоја секунда се брои – објансува Дамески
Според него, шахистот мора да биде “подвоена” личност. Кога се игра шах, не се размислува за ништо друго, освен состојбата на таблата. Ништо не смее да стои на пат во мозокот, додека се подготвува следниот потег, за кој се размислува 20 потези од напред.
– Семејството ми го знае табиетот. Помирено е со мојата љубов кон шахот. Го заразив и син ми Васко, па сега и тој е моја копија – вели примариусот “на куб”.
Неговите многубројни настапи на шаховски првенства во поранешна Југославија, Европа, Русија се скоро исти на број со освоените награди. Негова била идејата за големата табла шах кај центарот за култура, оти сакал да ги заинтересира и најмалите за предностите.
Планира да издаде уште книги – “Познато за познатите”, “Вистина, вистина е ви велам”. Едната ќе биде за минатото и ликвидирањето на македонските чеда, како и стручниот труд, кој знае кој по ред, “Детска стоматологија”. Нема да му биде тешко на примариусот, кој спиењето го смета за обврска, а не одмор.
Благоја Дамески е најдобриот шаховски гуру што Прилеп го дал.
Табу од шаховска игра
Дамески се сеќава кога со колегата Никола Милошески шетале низ градското корзо и разговарале за тукушто завршената партија. Без никакво обѕрнување се расприкажале за потезите и во еден момент, Милошески рекол:
– И кога ги сменивме дамите, што убаво ми дојде. Околните шетачи зачудено, но и заинтригирано се свртиле да видат за какво менување на дами станува збор – кажува Дамески.