СЕ ЧИСТАТ КАНАЛИТЕ ОД ТРЕВА И ЃУБРЕ

Водостопанство Прилепско поле во акција

Се чисти заобиколниот канал на Селечка Река во дожина од 330 метри. Исчистен е каналот крај патот за Крушево, како и каналот кој ги собира површинските води во Жабино маало. Се работи и на локацијата кај мостот од регионалниот пат Прилеп – Македонски Брод на Заградска Река, каде се планира чистење по еден километар возводно и низводно. Ангажирано е Водостопанство Прилепско поле со помош на локалната самоуправа.

– Ги направивме најголемите зафати за чистење на заобиколните канали околу градот, кои поради децениското неодржување создаваа проблеми со хигиената, а со поројните дождови се создаваа поплави – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Се чистат каналите од ниска и висока вегетација, која го спречува протокот на водата и предизвикува непријатна миризба која им пречи на граѓаните, а и се нагрдува изгледот на околината.

– Кај мостот од регионалниот пат Прилеп – Македонски Брод на Заградска Река се планира да се чисти, по еден километар возводно и низводно и тоа рачно. Работната сила е овозможена од проектот од Владата. Се чисти ниската и дел од високата вегетација, бидејќи беше запуштено и се поплавуваше  индустриската зона – вели Гордана Тошеска, директор на Водостопанство Прилепско Поле.

Жителите од населбите се задоволни од чистењето на каналите.

До крајот на есента ќе се чисти горниот тек на Дабничка Река, со пари од Министерството за транспорт и врски.

ЕЗЕРОТО ИМА ВОДА

Состојбата на акумулацијата е задоволителна за овој период на годината. Нема проблем со наводнувањето, иако водата во езерото е намалена и притисокот во системот е намален. Околу 30 отсто од водата на акумулацијата е зачувана што е доволно за да се заврши сезоната нормално до 30-ти септември – вели Тошеска.

Loading