“РАЈСКА ГРАДИНА” СО ПТИЦИ НА МОГИЛА

Наскоро низ паркот ќе дефилираат и мали коњчиња – Пони

Десетина чифта бели  пауни, златни, платинести и дијамантски фазани, кинески гугутки, јапонски и други егзотични кокошки во различни нијанси и бои на пердуви, се населени во украсно дизајнирани кафези во дел од Паркот на револуцијата, во организација на Друштвото за одгледување на ретки птици Трагопан и локалната власт. Локацијата е крстена “Рајска градина”, бидејќи се одгледуваат ретки птици кои се привлечни за граѓаните и децата не само од земјава.

– Воодушевена сум од птиците. Местото е облагородено, а кај децата се развива љубовта кон животните и се прошируваат еколошките видици за заштитата на средината. Додека е добро времето, ќе одделувам, час-два со децата за дружење со птиците – вели Весна Стојаноска.

Според градоначалникот Марјан Ристески, уредениот парк се облагороди со нова содржина за одмор и едукација на децата.

– На кафезите ќе се постават табли на македонски и англиски јазик со видот на птиците и со текст за потеклото. Учениците ќе имаат часови по биологија, а оние од ветеринарната струка ќе изведуваат практична настава. Подготвивме мини зоолошка градина, која ќе се збогати со домашни животни. За скоро време ќе донесеме и мали коњчиња – Пони – вели Ристески.

Двојката бели пауни “Албино” се многу ретки птици кои вредат околу 500 евра.

–  Безбедноста, одржувањето и хранењето е на ЈП Комуналец, но и нашите членови со ветеринар, кои ќе нудат стручни совети и постојано набљудување. Претстои проширување со ретки птици уште во десетина кафези – најави Зоран Илиоски, претседател на здружението Трагопан.

Зоран Димески – љубител на гулаби, најави подарување на неколку двојки гулаби со кренати опашки.

Инаку, идејата е на здружението Трагопан кое е понудена во рамките на денот на идеи  што го организира  локалната самоуправа, а реализацијата на локалните власти во соработка со ЈП Комуналец.

Був на велосипед

Тинејџерот Стефан Ефтимџиоски на велоспиед, слободен, без кафез, го донесе својот миленик, бувот – Бао. Го одгледува две години дома, во дворот без да го затвора во кафез.

– Мил е, не напаѓа и дозволува да се гали. Не сакам да се продаде. Го донесов да ја поделам љубовта кон птиците со останатите посетители во паркот. Татко ми го најде во шумата и тој се припитоми, откако почнавме да го храниме. Сега не бега. Го чуваме во дворот и го храниме со пилешки џигерчиња. – вели Ефтимџиоски. 

Loading