Продадени првите 14 парцели во “Градина”
Ќе се нудат уште 7 парцели
Од 400 парцели за индивидуално домување во населбата “Градина” отако беа продадаени 14, Општината нуди уште седум. На секои 45 дена планирани се објави на нови градежни парцели. Ќе ги нудат постепено според интересот, а судејќи според последната електронска аукција, прилепчани биле заинтересирани за место за градба на куќа за домување. За градежните парцели во населбата Градина, постигната беше просечна цена од 1500 денари или 25 евра м2. Најмалата цена беше 600 денари, а највисоката 2000 денари. Вкупно биле пријавени 150 заинтересирани понудувачи или просек 10 за секоја парцела. Тоа говори дека конкуренцијата била голема и постигнатата цена е одговор на тоа односно од почетна цена 1 евро постигната е цена од 25 евра за м2.
– Најмалата градежна парцела беше 160 м2, а најголемата 440 м2 и од аукцијата се виде дека граѓаните се заинтересирани за поголемите парцели, помалите беа куќи во низа со страничните ѕидови лепенки со соседите. Тука беше интересот и цената малку помала. Одиме дел по дел и не сакаме да влегуваме во внатрешноста, затоа што би се усложнила инфраструктурата. Почнуваме со парцелите на почетокот, што е фактички продолжение на типските куќи – објаснува Методија Зајкоски, раководител на Одделението за управување со градежно неизградено земјиште.
На последната објава за продавање на државно неизградено земјиште беа понудени за продажба две парцели за мали трговски објекти во старата чаршија, една парцела во индустриската зона Прилеп 1, потоа беа понудени 14 парцели во новата населба градина и една градежна неизградена парцела за колективно домување.
– Парцелите со намена Б-1 или мали трговски објекти во старата чаршија беа продадени со цена од 30 000 денари од м2 и беа парцели со големина од 25м2 и 27м2. Парцелите за колективно домување во касарната се со големина од 2200 м2 и површина за градење од 800 м2, што значи дека ќе биде зграда со 10 ката, визби и поткровје се продаде за цена од 1500 денари од м2. Во индустриската зона Прилеп 1 се продаде парцелата за индустрија односно Г-3. Значи комплетно е завршена продажбата на земјиштето – вели Зајкоски.
Во тек е постапка, односно испратени се записниците од аукцијата, како и известувањата до најдобрите понудувачи, кои за 15 дена мора да ги уплатат средствата. Рокот е 19 септември. Земјиштето ќе биде оттуѓено кога ќе се скучи договор со понудувачите.
ТЕНДЕР ЗА ИНФРАСТРУКТУРА ВО АЛИНЦИ
Во тек е тендерот за изградба на инфраструктура за Технолошко индустриска развојна зона ТИРС кај селото Алинци каде се уредува огромен простор за градба на фабрики како што е Бунарџик во Скопје, а е под капата на дирекцијата за слободни индустриски зони.
– После тендерот, ќе се гради дел по дел, затоа што станува збор за површина од 80 хектари. Заинтересираноста за гринфилд инвестиции ќе биде голема, затоа што земјава од ден на ден станува сé поинтересна за инвестирање, а тоа е уште подобро бидејќи оваа зона ќе се наоѓа на територија на Прилеп. Со готова инфраструктура сметаме дека интересот ќе биде голем, бидеќи станува збор за локација до магистралниот пат за Битола, а има во близина и железничка пруга. Големите компании се заинтересирани, затоа што се ослободени од некои даноци и давачки. Купувањето е овозвожено и за приватни и за правни лица – вели градоначалникот Марјан Ристески.