Ракомет
Утревечер (19 ч.) стартува есенскиот дел од сезоната во женската ракометна Супер лига. Жито Прилеп ја пречекува екипата на Ел Коритон од Кратово. Според сите параметри, разликата меѓу ривалите е во класи.
– Нема дилеми. Тие се млада екипа, далеку со квалитет да не изненадат. Лани изборија опстанок, но не се засилија. Со ангажирана игра, ќе ги освоиме бодовите – вели Борче Марковски, тренерот.
Додека дојдат дербите со Металург и Вардар, се бараат посилни противници, а тоа се пријателските, меѓународни средби. Синоќа требаше да гостува Урошевац од Косово, в среда Орми Патрас од Грција. Првенствено се работи врз проектот – Европа. На 20 и 21 октомври гостува Лундагард од Шведска во КПК и тоа е настан за кој од сега се зборува.
– Совреме се подготвуваме за тие мечеви, зашто 20 октомври бргу ќе дојде. Очекувањата се големи и не смееме да разочараме дома – смета Марковски.
Во Шведска Жито Прилеп е претставен како “клуб кој секоја година настапува во Европа и е од Македонија, земја со огромен интерес за ракомет”.
![]()

