ИЗВРШИТЕЛИТЕ НЕЗАКОНСКИ БЛОКИРАЛЕ СТОТИНА СМЕТКИ НА СОЦИЈАЛЦИ

За кусо време ќе се ослободат сметките со помош на Центарот за социјална работа    

Најмалку стотина корисници на социјална помош останаа без државниот надомест, оти извршителите им ги блокирале сметките во банките. Од Центарот за социјални работи сметаат дека извршителите ги прекршиле законските норми. Ги повикуваат социјалците да им помогнат во процедурата за деблокада на сметките. Блокадите доаѓаат, откако Министерството за труд и социјална политики почна социјалните надоместоци да ги плаќа преку банките, заради поефтинување на процедурата, а не преку поштата.

Кире Крстески, корисник на социјална помош од две илјади денари, се жали дека двете сметки во две банки му биле блокирани за некој долг од пред пет – шест години.

– Останав без симболичниот надомест. Не знам што се случило и за кој долг е  блокирана сметката. Во банките не ми го даваат социјалниот надомест. Побарав помош од Центарот и ми излегоа во пресрет. Мислам дека деновиве ќе ми се ослободат сметките и ќе ги земам парите – вели Крстески.

Бобан Петроски од правната служба на Центарот за социјални работи е категоричен дека извршителите ги пречекориле овластувањата без да бидат внимателни.

– Социјалната помош е со закон загарантирана и никој не смее да ја блокира исплатата. Извршителите без трошка професионалност, уште помалку совест и разбирање, посегнале незаконски и неправедно да им ги блокираат сметките на социјалните случаи, скусувајќи им ја егзистенцијата. Реагираа стотина социјалци. Веднаш презедовме мерки да им се деблокираат сметките. Законот е дециден. Социјалните надоместоци и други социјални примања не се предмет на извршување. Без претпазливост, туку механички, извршителите ги активирале блокадите, а банките пак без да ги видат изворите на парите, каде пишува дека се социјални надоместоци, веднаш извршиле блокади. Ги повикувам корисниците да дојдат во центарот и да се отвори брза постапка за деблокада на сметките со што ќе се отстрани неправедно поставената пречка да се стигне до социјалната помош – вели Петроски.

Во Центарот за социјални работи се евидентирани околу 2100 домаќинства, корисници на социјална помош.

Loading