ДОВЕРБА И СТРУЧНОСТ ЗА ЗДРАВА КОЖА

ПЗУ Дерма Протект

Кожата е најголемиот орган на човечкото тело, преку кој се регулира телесната температура, се врши синтеза на витаминот Д, се регулира потењето и т.н. Здравата и природна кожа е цел на секој маж и жена. Токму за здрава кожа се грижи приватната здравствена установа “Дерма Протект”. 

Своето знаење стекнато на реномираниот софиски медицински факултет, како и љубовта кон професијата, д-р Анита Илијеска, специјалист дерматовенеролог, го применува со отворањето на приватната здравствена установа, специјализирана за кожновенерични болести. Не губела време, чекајќи место во јавното здравство, туку сама тргнала во хуманата професија, беспоштедно да им помага на пациентите. Специјалистичката  ординација ја стартувала со сопствени приходи на крајот на 2009 година. Тоа била тешка година за приватниот бизнис.

– Од 2011 г. склучивме договор со Фондот за здравство и веќе работите добијаа свој тек. Соработуваме со матичните лекари. Успех не се постигнува преку ноќ. Медицинската професија бара големи жртви, постојано следење на новитети преку обуки, семинари и предавања, не само тука  на надвор од државава – вели д-р Илијеска.

Дерматологијата е комплексна гранка во медицината. Голем број од кожните болести остануваат засекогаш.

– Тоа не значи дека пациентот треба да остане пасивен по однос на своето заболување. Постои начин болеста да се стави под контрола. Наша задача е да овозможиме подолг здрав изглед на кожата – објаснува д-р Илијеска.

Во ординацијата се врши дијагноза и терапија на болести на кожата и кожните придатоци, дерматити, екземи, невродермити, псоријаза, атопија.

– Битна е довербата пациент – лекар од хуман и етички аспект. Важна е атмосферата на доверливост. Се трудиме да пружиме квалитетна и ефекаснаа специјалистичко – консултативна здравствена заштита и да излеземе во пресрет на потребите на населението од Прилеп и околните градови и села – информира д-р Илијеска.

Во 1958 година во Прилеп имало дерматолошко одделение со 20-тина болнички кревети формирано од д-р Џамбазов. Пациентите биле со ист третман како од поголемите градови. На лекарката Илијеска сега í е најголема желба да ја види “оживеана” дерматологијата во Прилеп и пациентите да не се праќаат на други места.

Во визијата на “Дерма Протект” е да прераснат во лидер во регионот во областа на дерматологијата и да ги прошират просторните услови.

Борбата против акни

Погрешно е што специјалистот е последната станица. Загрижува што секој трет млад човек страда од проблематична кожа на лицето и тоа е застапено кај  двата пола подеднакво. 

– Тоа е сериозен проблем кај младата популација. Кога младиот човек треба да се изгради како стабилна личност, се појавуваат “досадните” акни. Комплексот од таквиот изглед е присутен, прави пречки во социјалниот живот, во училиште, на работа, во личниот живот. И веќе имаме повлечена, комплексирана личност. Тогаш се тргнува по маките, се применуваат секакви кремови, масти, раствори по препорака на пријател, роднина, а често се посетуваат и козметички салони. Се бара сé, само стручна мислење не! Ние сме последната станица на тоа талкање. И пациентот доаѓа со ужас во некоја од потешките форми. Потребна е поголема свест, зашто секоја мала промена на кожата може да претставува сериозно заболување и да биде потенцијално опасно – вели д-р Илијеска.

Терапија со течен азот

Во ординацијата се врши дијагностика и терапија на болести на кожата и кожните придатоци, терапија на дерматити, ексеми, псоријаза, габични заболувања, себореја, атопија, невродермити и др. Се третира проблематична кожа на лице, младешки акни, терапија со УВ светлина, со течен азот се третираат полово предавани брадавици, обични брадавици, фиброми, плоски брадавици, сенилни кератози и др. Работат со упат од матичен лекар и син картон. 

Loading