ДЕФИЛЕ НА ЅВЕЗДИ

Мал фудбал: “8 Септември” – турнир на Могила

Настапија поранешни репрезентативци од Победа и Пелистер

Уште еден убав спортски настан, за паметење. Турнирот во мал фудбал “8 Септември”, на Могила беше полн погодок. Се исполнија трибините, гледачите навиваа и уживаа, а градов ја потврди долгата традиција во овој спорт. Добро е што се негува и одржува под покровителство на локалната самоуправа. Градските власти го уредија теренот кај Паркот на револуцијата со вештачка трева да не се драскаат колениците и лете младите да уживаат со топката и фудбалот.

На едно место се собраа поранешните репрезентативци. Славното име на Победа го застапуваа – голманот Јане Николоски, Тони Наумоски, Марјан Стојкоски, Дарко Крстески, Николче Здравески, Горан Тодоровски…. Лутиот соседски ривал Пелистер не се даваше лесно со Тони Мицевски, Сашо Здравевски, Горан Ставревски, Ванчо Мицевски, Кире Грозданов… Ветеранската четворка ја комплетираа екипите на 11 Октомври и скопски Работнички. Најдобра се покажа – Победа.

Зачестија меѓусебните дуели на најпознатите маалски екипи, Варошко маало и Будо. Лани првпат по 30 години се сретнаа и одиграа нерешено и планот е барем еднаш годишно да ги одмеруваат силите. Се чинеше дека и овојпат ќе има баланс, но едниот ривал беше порасположен за голови. Варошко маало не дозволи реми и убедливо победи. Будо памтат и ќе врати следниот дуел.

Основниот дел на турнирот, натпреварувачкиот, беше возбудлив, а придонес дадоа 25 екипи. Само малиот фудбал може да изрежира сценарио како во полуфиналето. Спорт лајф водеше 4-1 на пет минути пред крајот и почна рано да прославува, а така не мислеа од Бет ат хом, кои со три гола набрзина израмнија, дури и на пенали победија. Во финалето сепак беа запрени од најдобрите, тимот на Златна рака.

Градоначалникот Марјан Ристески додели благодарници за учеството на екипите, а на најдобрата, во рацете на капитенот Драган Спиркоски, отиде победничкиот пехар.

Loading