СЕКОЈ СО СВОИ СМЕТКИ

Фудбал: По 4. коло од Втората лига

Победа е втора, 11 Октомври осми, а Корзо 13-то

Малку по малку се бистрат амбициите и можностите на прилепските второлигаши. Заедничка стратегија нема и секој оди со свои сметки. Тоа носи големо ривалство. Кој ќе ја преземе палката – предводник во градов? Лесно не се предава 11 Октомври, ланскиот прволигаш. Кога се зборуваше за истапување од лигата, ја изненади и совлада со 1-0 Победа јуниор, а завчера со 0-3, го “прегази” Тиквеш среде Кавадарци, за седум бода и солидно осмо место.

– Младиот тим проработува. Доаѓа купот, но силите ги даваме во лигата – најавува тренерот Тони Наумоски.

Победа јуниор најдобро стартуваше, сензација направи во купот со Работнички, но се сопна од 11 Октомври. Бргу се созеде со триумфот над Корзо од 3-0. Втора е на табелата со девет бода, еден помалку од Миравци.

Дебитантот Корзо остави добар впечаток во игра, а лош во резултат. Загубени се три меча на идентичен начин. При нафрлени топки од прекини нема реакција на одбраната и лесно се прима гол. Тимот со најубави дресови со три бода е на 13-то место, но духот ги одржува и нема предавање.

Публиката ужива кога играат второлигашите. Близу 3000 гледачи имаше на првото дерби, а 2000 на второто. Следат куп средбите. Утре (15, 30 часот) Победа јуниор – Дрита, в недела 11 Октомври – Ренова. 

Loading