ПРВОТО ЅВОНЧЕ – НАЈГОЛЕМА РАДОСТ ЗА ПРВАЧИЊАТА

Во училиштата влегоа околу 11 илјади деца, од кои 752 се првачиња

Годинава учебната година започна на 3-ти септември, и сите основни и средни училишта по три месеци повторно ширум ги отворија вратите за учениците. Сите беа радосни, но од новите првачиња зрачеше најголемата радост. Сите дотерани во придружба на мајки, татковци, баби и дедовци, едвај чекаа да им заѕвони првото училишно ѕвонче, означувајќи нова етапа во нивниот живот. Се запознаа со учителите и учителките што ќе ги учат и образуваат. Тие, заедно со одделенските другарчиња ќе им бидат второ семејство. Во сите седум основни училишта вриеше како во улиште од пчели. Нестрпливо, со широка насмевка, што се вели од уше до уше, се врткаа низ училишните ходници. Сето им беше ново и непознато, ама за месец – два ќе го научат училиштето напамет. Како спринтери на трка, чекаа знак од директорите и наставниците да јурнат кон училниците – нивните нови “дневни соби”.

{vsig}FOKUS/221/prvacinja{/vsig}

Како подарок и потсетник за првиот училишен ден, сите првачиња добија книга, тетратка, блок и друг училишен прибор. Со тоа радоста уште толку им се зголеми, па возбудата кај нив достигна врв. Гордите родители ги потрошија батериите на мобилните и апаратите од сликање на нивното дете, затоа што и за нив ова е почеток на нова ера, со помагање околу домашните задачи, поттикнување за учење и овозможување на сé што е потребно за успешен ученик.

Од вторник, првачињата ги очекува запознавањето со одделенските другарчиња, распределбата кој со кого ќе седи во иста клупа, распоред на часови…

Зенит им го честита стартот на учебната година, со очекување страницата Петка да ја полниме со успеси на нашите основци и средношколци.

По 16 години

Кате и Андреј се први ученици во Бонче

Првачињата Кате и Андреј беа првите ученици во училиштето во селото Бонче обновено по 16 години. Возбудени и среќни седнаа на училишната клупа. Веднаш се фатија за ука. Посакаа наставничката Марина Преспаноска, која вели дека í било предизвик да им биде учителка на двете деца, побрзо да ги совладаат буквите, бројките, да научат да читаат, пишуваат, да бројат, да пеат песнички…

Жителите на Бонче се радуваат што дочекале повторно да се слушне малку детски џагор во училишниот двор.

Локалните власти потенцираат дека ќе отвораат нови паралелки секаде каде што има услови, како во Бонче, каде се вложени 420 илјади денари во реконструкцијата на училиштето.  

Loading