ОБНОВУВАЊЕ НА СПОМЕНИКОТ НА ШАРЛО ВО БУГАРИЈА

На годишнината од загинувањето на контраверзната личност од македонската историја Методија Шаторов – Шарло, неколку негови потомци и прилепски почитувачи се поклонија и положија цвеќе на споменикот каде загинал Шарло со уште десетина членови на Бугарската комунистичка партија на планината Родопи, во близина на градот Пазарџик.

Илија Димоски – Шаторот, потомок на Шарло, бил од една страна импресиониран што му бил изграден огромен споменик, висок над 15 метри на 1600 метри. Од друга страна, бил разочаран што обележјето, на неколку километри, е зараснато и неисчистено во грмушки. Димоски смета дека поставувањето на биста би било минимално исправање на грешките од минатото и испревртената историја, чија жртва бил Шарло.

– Зачуден бев зошто, покрај останатите партизани, на роднината Шарло не му е напишано на плочата местото на раѓање, односно Прилеп, како на останати борци на кои им бил командант. Наместо Шаторов, напишано е Шатаров. Местото на загинувањето не е соодветно обележано, туку е само една импровизирана плоча. Затоа ќе покренеме иницијатива за поставување на паметник на просторот каде што мојот предок ги оставил коските, каде бил убиен од некој од неговите. Не е чесно една значајна фигура од поблиската историја, која е рехабилитирана, да се остави без сведоштво во беспаќето на високите планини. Неговите потомци и сите граѓани на земјава се должни да ги  почитуваат луѓето кои паднале на браникот на слободата – вели Димоски.

Во близината на споменикот имало речиси напуштен музеј со фотографии, писма и документи од Шарло и за единицата што ја командувал. 

Loading