МАЧОРОТ ВО (СО) ЧИЗМИ

Многу, зборови, многу називи, многу фирми, па и цели реченични конструкции, понекогаш, навидум, изгледаат нормални. Ако поразмисли човек, честопати, доаѓа до сознание дека тука има доста грешки, нелогичности, па дури и некои изрази се смешни.

Зборот БУТИК првпат сме го слушнале пред многу години. Еве, да кажеме и кога и како. Во времето на Југославија имаше еден фудбалер, репрезентативец, кој се викаше Јосип Скоблар. Извесно време играше и во Франција. Кога заврши неговата кариера, прочитавме во весник една негова изјава: “Имам во Париз еден БУТИК, ќе појдам да видам како се одвиваат работите”. Тогаш првпат го чувме тој збор и ни беше несфатливо, како е можно, приватник да има таков БУТИК. Но, да се вратиме на она што не интересира во врска со самиот збор. Потеклото му е француско. Покрај другите значења, главното значење на зборот БУТИК е – продавница. Сега, тој збор е длабоко навлезен во нашиот јазик. Сите градови се преплавени БУТИЦИ. Обично, тоа се продавници со помал обем и со ограничен асортиман. Сме сретнале БУТИК за чевли, БУТИК за долна облека и така, разни БУТИЦИ со разни стоки. Стоки што се продаваат во БУТИЦИТЕ. Но, во Прилеп постои БУТИК на чии излог е напишано со големи букви – БУТИК ЗА ДЕЦА. Зар не е смешно? Каков е тој БУТИК? Што ли се продава во него? Според натписот, би требало да се продаваат деца. Според логиката на нештата, ние разбираме дека тука се продава облека за деца, можеби и играчки и разни други предмети што им се потребни на децата. Така е тоа. Но, БУТИК ЗА ДЕЦА, не оди. Изразот не е точен. Замислете, на некој БУТИК кој е исклучиво за женска облека, да пишува – БУТИК ЗА ЖЕНИ! Ваквите грешки многу ретко им паѓаат в очи на луѓето, па и на сопственикот на фирмата. Но, сепак, тоа се грешки.

Ќе приведеме и еден друг пример, кој е уште покарактеристичен. Пример, каде луѓето, просто механички го употребуваат тој израз, преведен (буквално) од српскиот јазик.

Речиси, во сите театри низ Македонија (некаде и повеќепати) е играна пиесата за деца – МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ. Досега никој, ама баш никој, не размислил за точноста на овој наслов на пиесата. Тука, навидум, се си е во ред. А не е така. Ајде малку да размислиме! Дали е во духот на македнскиот јазик насловот – МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ? Не е! Едноставно, преведено е буквално српското – МАЧАК У ЧИЗМАМА. Дали ние би рекле МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ или пак МАЧОРОТ СО ЧИЗМИ? Неодамна чувме еден човек како се жали дека му се наводениле, му прокиснале патиките. Кога излегувал, не врнело дожд и тој вели дека излегол СО ПАТИКИ, наместо со чевли. Тој не вели ВО ПАТИКИ, туку СО ПАТИКИ. Ќе речеме дека во денешно време сите девојчиња одат СО ФАРМЕРКИ, а не ВО фармерки. Ќе речеме дека некој сиромав човек оди СО искинати алишта, а не ВО искинати. И така, насекаде. И во песните – “Волк СО долама, лисица СО бечви, зајак СО чалма”!

А ете, мачорот уште маршира по нашите сцени обуен ВО чизми наместо СО чизми. Ако ги преобуе чизмите, ако обуе чевли, сигурно нема да речеме МАЧОРОТ ВО ЧЕВЛИ, туку ќе речеме МАЧОРОТ СО ЧЕВЛИ.

Вакви примери има многу. Примери кои ја нарушуваат конструкцијата на нашиот јазик, кои го нарушуваат строежот на нашите изрази, па дури понекогаш го менуваат и значењето.

Колкупати сме прочитале – ОПАСНО ПО ЖИВОТОТ, ОПАСНО ПО ЗДРАВЈЕТО, ОПАСНО ПО ГОЛОТ. И така, кој знае колку опасности, а за опасноста во нарушувањето на јазикот никој и не помислува. Слушаме дека на жешко време не треба (постарите луѓе) да излегуваат без некоја особена потреба. Тоа било опасно ПО ЗДРАВЈЕТО. Онаму каде што има елекртична струја со висок напон среќавеме предупредување дека било опасно ПО ЖИВОТОТ. На спортските натпревари слушаме за опасност ПО ГОЛОТ.

Треба да гласи – опасно ЗА ЗДРАВЈЕТО (а не по здравјето), опасно ЗА ЖИВОТОТ, опасност ЗА ГОЛОТ и така натаму. Во нашиот Парламент сме слушнале и за опасност ПО ЕКОНОМИЈАТА! А опасноста е, всушност, ЗА ЕКОНОМИЈАТА.

Можеби ќе рече некој дека се ова ситници, но не е така. Една ваква тивка ерозија длабоко ги поткопува темелите на нашиот јазик.   

Благоја Ивчески

Loading