ЛЕТ БРОЈ 21 (11)

Го објавуваме последното продолжение од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа и сметаме дека поттикнеме емоции и ја разбивме летната монотонија.

Тој сигурно чекореше напред, гледајќи ја со дива страст. Дишеше тешко. Застана на “Малото пристаниште”. Нежно ја спушти на влажната песок. Беше прилично топло за овој период од годината. Сончевите зраци се прекршуваа врз нив. Почна да í го гали лицето, вратот… Ја стискаше нејзината коса како да сакаше да ја стопи. Тонеше во нејзините очи. Го излудуваа нејзините усни. Цврсто ја стегна како да се плашеше да не му избега. Двајцата дишеа тешко испрекинато. Го молеше. Нејзиниот поглед го молеше да ја бакне… Го молеше да ја сака. И само како да чекаше повторно да се затворат нејзините очи. Ги допре нејзините усни нежно, полека. Телата им затреперија. Ја бакнуваше. Се бакнуваа страсно, долго, без здив…

Се слушаше само тивкото плискање на брановите врз нивните тела. На ситната песок на Големата плажа, на Малото пристаниште, покрај Морската куќичка лежеа и се бакнуваа цела вечност. И двајцата како да се плашеа да проговорат да не ја повредат љубовта која ги спојуваше и обвиваше. Елизабета, првпат во својот живот, беше навистина среќна и слободна. Ослободена од своите чувства. Се чувствуваше самата себе си вистински силно и исполнето.

– Г-це, имате намера да ме ослободите од вашата прегратка – нежно ја праша, бакнувајќи го нејзиниот врат.

– Не – срамежливо му одговори, смеејќи се.

– Знаеш, колку се каев што не го сторив ова уште при нашата прва средба овде…

Елизабета искрено се насмевна.

– Кога тоа ние првпат сме се сретнале овде.

– Не паметиш – таинствено í рече.

– Ах, да, минатата година, се сетив – ха, ха, ха.

Елизабета се обидуваше да сфати во што е трикот.

– Сериозно ти велам, не се шегувам. Како можеше да заборавиш, кога и ти подарив нешто…

– Ти можеш да се шегуваш со мене колку што сакаш. Морам да ти признам нешто. Веројатно сме се сретнале во претходниот живот. Можеби звучи детски, но од почетокот чувствувам дека те познавам со векови. Дури можам да се обложам дека апсолутно знам што најмогу сакаш…

– Тебе… но би можеле да пробаме.

– Зошто да не – рече Елизабета, тресејќи ја песокта од себе и предизвикувачки стоејќи пред него.

– За секој точен погодок, барам по еден бакнеж. Договорено?

– Договорено.

Леонард ги стави рацете под својата глава и таинствено се смешкаше  гледајќи ја.

– Не знам од каде да почнам…

– Ќе ти помогнам. Еве на пример што сакам да читам? Или уште полесно кој е мојот најомилен неделник…

Како најсреќно дете на светот Елизабета се смееше.

– Па, веројатно истиот кој и јас најмногу сакам да го читам…

– Елизабета, одговорот е точен…

Таа беше пресреќна. Леонард се исправи пред неа,  ја фати нејзината глава со двете раце и ги впери своите сини очи во нејзините црни скапоцени камења кои силно сјаеја.

– …И не само што го читам твојот неделник, туку веќе го пронајдов моето закопано богатство и си ја најдов среќната паричка…

Елизабета го гледаше со ширум отворени очи. Како да не му веруваше. Се обиде да проговори, но, наместо зборови, и бликнаа солзи. Плачеше од среќа. Плачеше како мало дете, скриена во неговите прегратки. Леонард ја бакнуваше.

– Онаа вечер, пристигнав премногу доцна на забавата, но веројатно токму кога требаше. Те забележав и тргнав кон тебе. Не знам, но знаев дека некој ти треба… Кога помисли дека сум Игор и го отвори твоето срце немав храброст да ти се јавам, зашто бев тој којшто те повреди… Мислев ќе умрам, ако престанеш да ме сакаш. Беше премногу разочарана… Јас те сакам, навистина те сакам.

Леонард повторно ја бакнуваше.

– И розите беа од тебе…

– Што мислиш. Би ти купил ли некој друг толку многу рози…

– Те сакам.

Беа како едно тело – душа и срце. Веќе почна да се стемнува. Се запали светилникот.

– Ќе одиме ли на најубавото место на светот – го праша.

– На светилникот?!

– Да не бевме и таму заедно – го праша вљубено, гледајќи го.

– А, не… Јас само навистина знам сé за тебе.

Како деца трчаа по плажата, држејќи се за раце.

Стоеја на светилникот гушнати, среќни и вљубени… Гледаа како се раѓа ноќта, гледаа како се раѓа нивната вистинска љубов…  

Крај

Loading