Летувањето на Куба не е баш ефтино. Ама, тие што биле таму, велат дека вреди за секој даден денар. Затоа што природата била особено дарежлива кон овој карипски остров. Многумина кажуваат дека Куба е вистински рај на земјата. Поради политичкиот систем и полувековниот пркос кон САД, Куба се нарекува и Остров на слободата. Во секој случај, одморот во оваа земја донесува искуство што не може да се спореди со никое друго. Затоа Куба е посетена од армии на туристи од ширум светот.
Островот на слободата цели 50 години истрајува на револуционерниот пат. Затоа Куба е изложена на децениски санкции од САД, кои се оддалечени помалку од 200 км. Кубанците не знаат за “благодетите” на потрошувачкото општество. Возат автомобили стари половина век. Луксуз е дури и мобилен телефон. Сепак тоа е земја на грациозна сиромаштија. Иако никој нема многу, за сите е обезбеден стан, работа и образование. Нема политичка слобода, ама нема ни социјално раслојување, ниту криминал.
Куба има 11 милиони жители и е најнаселениот карипски остров. Биолошкиот и геолошкиот диверзитет е импресивен. На островот има 6000 видови билки, од кои половината се ендемски. Заради тропската клима, температурните осцилации се мали, па просечна годишна температура е 27 степени. Воздухот е доста влажен, но брзо се навикнувате на тоа.
Условите за туризам се врвни. Хотелите се првокласни. Услугата најчесто е “ол инклузив”, или народски речено “за џабе”. Секако дека е далеку од бадијала, затоа што се прилично скапи аранжманите за летување на овој карипски остров. Но кога ќе се измери квалитетот на сместувањето, можностите за забава, спортските активности и излети, па ако се додаде топлото море со тиркизна боја, плажите со ситен песок и ладовината од палмите, тогаш одморот на Куба вреди за парите.
Постојат повеќе одлично уредени летувалишта. Најдобро место е Варадеро, кое со право е сместен во најголемите и најдобрите одредишта на Карибите. Ама, Куба има уште многу туристички адути. Првокласни услови за одмор има и во Гладавико, островите Санта Марија, Гилермо и Коко…
Освен уживањето на плажите кои се како од разгледниците, домаќините нудат мноштво на интересни излети. Не е ефтино одвојувањето од хотелските соби. Но, Куба може да ја видите во вистинско светло само со излетите. Туристите, без оглед каде се сместени прво ја посетуваат Хавана, па вториот по големина град Сантјаго де Куба.
Туристите на Куба шопингуваат,покрај одмарањето и уживањето. Најмногу се бараат познатите кубански пури или рум. Агенциите организираат посета до плантажите со тутун и фабриките за пури. Но, познавачите велат дека е подобро соло откривање на квалитетните пури и цигарите.
Традицијата на туризмот почнува од 19. век. Сепак, сé почнало кога американските богаташи стартувале да купуваат недвижности на Варадеро, па местото добило статус на ексклузивно летувалиште. До револуцијата од 1959 година, таму одседнувале многу познати личности, меѓу кои и Ал Капоне.
Улиците на Хавана се живописни. По нив се движат стари американски автомобили од предреволуционерното време заедно со руски “лади” и “москвичи”, како и најнови руски автомобили.
Статуата на Исус Христос, кој ја благословува Хавана, е налик на онаа во Рио де Женеиро. Сместена е во старото градско јадро. Кипот висок 20 метри, направен е од италијански мермер и е поставен во 1958 година. Импозантни се и гробниците Кристобал Колон, кои се активни повеќе од 130 години. Таму се наоѓаат преку милион гробови што е своевиден музеј на отворено.