ГИ СОБИРАМ ЗБОРОВИТЕ ВО ГЛАВАТА ЗА ДА ГИ ПРЕСТОРАМ ВО ДЕЛО

Сузана Ѓорѓиевска, добитник на наградата Живко Чинго

За расказот “Богу верен, в брани силен” нашата сограѓанка, писателката Сузана Ѓорѓиевска е добитник на наградата за најдобар расказ – Живко Чинго, што ја доделува општината Охрид, за манифестацијата “Вечер на Чинго”.

Што значи наградата за Вас?

Наградата која го носи името на Живко Чинго, на големиот мајстор на расказот, чии дела се високо вреднувани во Македонија и надвор од неа, претставува голема чест. Да се биде во Велгошти на “Вечер на Живко Чинго”, да се биде во манастирот “Св. Петка”, на чардакот од каде што се гледаат и треперењето на небото и треперењето на земјата, е посебно задоволство. А тука е и Големата Вода.

Куриозитет е што токму наградата  вторпат ја добивате на анонимниот конкурс? Потврда ли е тоа за посветеноста што ја имате кон пишувањето?

Да, да. Потврда, наградата е милина за душата.

 За наградениот расказ!?

Ќе речам само – Бог да и укрилит они што чуждо не сакает, но својето и прочитајте го “Богу верен, в брани силен”. Ќе знаете каков расказ е.

Подолго време пишувате. Зад вас се три стихозбирки. Што ве мотивира?

Љубовта кон пишаниот збор и оној чуден немир кој ги собира зборовите во главата за да ги престори во стих, во расказ.

Од што произлегува инспирацијата?

Од животот минат: Не врне, не припекува-ако! Таа чадорот не го заборава, го стиска јако. Со него на угорнина, нога кога завлекува, душата од жалој снеможена си ја закрепува. (од песната ,,Старицата со чадорот,,); Од животот сегашен – …..трите ние, загледани во заспано бебе од радост просолзуваме и во мислите, секоја за себе, како ќе беше, ако беше жив, се прашуваме и колку ќе беше горд дедо и среќен прадедо, трите ние си помислуваме. (од песната ,,Трите ние,,,). Ете тоа е инспирацијата.

Што може да се очекува?

Објавување на стихозбирката “Уплавната вода, тагата” и збирката раскази “Влегување во песната”.

Добитник на бројни награди

Сузана Ѓорѓиевска, која досега ги издала стихозбирките “Сенки”, “Срна”, романот за деца “Сонувачот, купувачот и уште нешто” и монодрамата “Мегдан” добитник е на бројни награди, меѓу кои откупните “Мостот”, “Мегдан”, за  раскази по конкурси на Здружението на просветни работници литературни творци на Македонија, за песна на манифестацијата Мариовско – Мегленски средби, како и наградата Живко Чинго во 2011  за расказот “Влегување во песната”.

Loading