На камената бина
“Вечер на изворен фолклор на балканските народи”, ќе има вечерва од 21 часот на камената бина. Ќе настапат етно состави и КУД од Македонија, Србија и Бугарија. ЦК “Марко Цепенков” вечерта ја реализира третпат.
– Граѓаните ќе се запознаат со фолклорното наследство на соседите – велат од ЦК.
Од Србија се претставува КУД “Ковиље” од Вукманово. Друштвото автентично и без стилизација ги пренесува обичаите и игрите, односно изворната музика од Србија. Музиката ја исполнуваат на стари музички инструменти – гоч, гајда, фрула, окарина. Тие се една од најпознатите српски групи која ја претставувала земјата на многу меѓународни фестивали.
Македонија ќе се презентира со Оркестарот на традиционални инструменти “ЗОРА” при ФМУ на Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип. Кавалџијата Филип Василевски, гајдаџијата Стојче Трајанов, тамбурашот Оливер Настовски и тапанарот Христијан Николовски ќе приредат музичко доживување, свирејќи изворни македонски ора.
Од Бугарија доаѓа софискиот етно состав АРТ ЛИБИТУМ. Тие го пренесуваат нестандарно, музичкото творештво на разни традиционални и егзотични инструменти од повеќе земји на Балканот, Ирска, Шпанија, Аргентина…
Вечерта е во склоп на манифестацијата “Цело лето – културно лето” на ЦК, организирана во соработка со Општината.