ЈП “Водовод и канализација” (ВИК) е фирмата од која учат осум претпријатија во земјава како се штеди вода со новите инсталирани мерила и системот со далечинско набљудување и контрола – Скада. Затоа граѓаните не почувствуваа недостиг на вода во пеколните горештини.
Замената на водомерите е направена со консултантска поддршка на холандска компанија и со Министерството за транспорт и врски. Тоа е дел од финансиската соработка меѓу Македонија и КФВ банката од Германија.
– Го презентираме искуството и знаењата во намалувањето на загубите на вода со инсталацијата на новите водомери. Нашиот успех за најдобро поставена организација, би требало да е пример за другите претпријатија. Затоа можеме сами да ја доградуваме мрежата. Поставивме уште 25 километри нови цевки. Прилеп ужива висок рејтинг во очите на германската влада и КФВ банката – рече Саше Николоски, директор на ВИК.
Холанѓанецот Ан Самон вели дека прилепскиот пат ќе го следат и другите осум фирми.
– Со замената на водомерите, ќе се наплаќа водата. Насочени сме на опфаќање на нефактурираната вода. Се стремиме и таа да биде ставена во системот и да се наплати. Не се плаќа 50-70 отсто од водата во Македонија – рече Самон.