Ракомет: Лундагард прифати два меча во градов
– Дуелите од КПК се на 20 и 21 октомври
Битна промена во однос на двомечот од 2. коло на КПК, помеѓу Жито Прилеп и Лундагард. Екипата од Шведска прифати двата дуели да бидат во спортската арена “Сонце”, на 20 и 21 октомври. Доста необично со оглед на практиката во минатото, кога тимовите од западноевропските земји беа домаќини на противничките од останатиот дел на континентот, кои прифаќаа да патуваат со цел скратување на трошоците. И женската екипа на Тутунски ниеднаш не одигра дома, десетинапати само на гости!
– Швеѓанките доаѓаат во петок, кога ќе одржат тренинг. Натпреварите се во сабота и недела. Дури в понеделник гостинките заминуваат од градов – вели Дарко Димовски, секретар на Жито Прилеп.
Првиот меч, според ждрепката, улогата на домаќин ја има Жито Прилеп, а вториот “домаќинки” се Швеѓанките. Прилепчани ќе се изнагледаат европски ракомет, за два дена два меча. Нашиот клуб, согласно генералниот став на спонзорот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, по никоја цена не разгледуваше опција за играње двапати настрана, туку пред својата публика. Тука е и поентата.
– Правиме сé за придонес во афирмација на овој спорт. Го цениме огромниот интерес на публиката. Овозможуваме да гледа врвен ракомет и да навива за нашите девојки. Убеден сум дека не доаѓа предвид да се предаваме и со заеднички сили од трибини и на паркет ќе се бориме за трето коло. Убаво е натаму да донесеме некој европски гигант во градов – порача Ѕвонко Јанков, потпретседател на Жито Прилеп.
Иако има речиси два месеци до натпреварите, уште од сега се прави план за што подобра организација. Во фокусот е публиката, зошто само полна сала ја оправдува инвестицијата. По примерот на големите клубови, совреме се готви кампања за анимирање на јавноста, со пригодни награди за среќните гледачи, симпатизери на Жито Прилеп.
Вечерва со Србинки
Жито Прилеп продолжува со пријателските натпревари. Вечерва и утре во 19 часот, договорени се два меча дома со српскиот Железничар од Инџија. Ова се реванш дуели на неодамнешната мини турнеја во таа земја. Тогаш Србинките победија со 38-35 и 35-28. Досега вкупно одиграни се девет меча, од кои три победи, двете со Кичево, едната со Металург јуниор.
– Можно е да одиграме двапати со грчкиот првак Орми Патрас. Преговорите се при крај – информира Јанков.