СÉ НА АВТОБУСКА, САМО АВТОБУСИ НЕ

Во центарот на земјава, Прилеп важи за големо транзитно место за врска со останатите градови. На околу 80 илјади жители, автобуските врски им се од животна важност.

Меѓутоа, чекајќи го преместување на автобуската станица, сегашниот простор повеќе наликува на паркинг за автомобили или мал неуреден трговски центар. Меѓу неколкуте продавници, одвај се наѕира знакот кој укажува дека тука е сместена автобуската станица. Просторијата е како музеј. Ништо не е чепнато за поудобно сместување на патниците што чекаат превоз. Рака на срце, има неколку знаци што означуваат на кој перон се очекува автобус, ама тие ретко се почитуваат, па патниците трчаат до секое комбе или автобус што ќе се паркира да ја видат дестинацијата на ветробранското стакло. Некои автобуси, најчесто упатени за Бугарија, воопшто не влегуваат во станицата, туку застануваат пред мостот, на пет минути од автобуската. Тоа е голема мака за студентите во Бугарија, затоа што багажот да го претовараат од официјалната автобуска на необележаното место. И тоа во спринт.

Да биде уште позамрсено, околу автобуската не може да се помине, а некој возач да не понуди превоз со патничко возило по поефтина цена од автобускиот билет. Потоа следи ценкање и убедување дека неговиот превоз е ем побрз, ем поефтин, ем поудобен.

Во надеж дека што поскоро ќе се дислоцира автобуската кај железничката станица, која ќе биде по тертипот на битолската или скопската, останува патниците да имаат трпение и подебели нерви. 

Loading