САРДИНИЈА – СКРИЕНА ДИВА УБАВИНА

Овој медитерански остров е огромен музеј под отворено небо, со преку 9 000 археолошки локалитети. Делот на Сардинија – Галура нуди магични диви предели, од чија убавина застанува здивот, совршени плажи со блескаво бел или розев песок.

Чудесна палета на бои е карактеристична за Сардинија

Смарагдниот брег на италијанскиот остров Сардинија, со луксузни хотели со пет ѕвезди за одмор, магнетски ги привлекува славните холивудски ѕвезди, познати спортисти и супер модели. Сардинија изгледа како наместена, на совршена сценографија со рекламни кампањи на големите светски брендови, место на кое светските милионери се одмораат во своите мегајахти, или со потоци од шампањ се забавуваат во ноќните клубови.

Од шеесетите години на минатиот век, Смарагдниот брег е омилена дестинација за богатите од целиот свет. Во 1961 година, кога првпат ја посетил Сардинија еден од најбогатите луѓе на светот Ага Карим Кан, на прв поглед се заљубил во овој, втор по големина остров во Средоземното Море. Особено го привлекло чудесната палета бои, карактеристични за цела Сардинија – од модро сина до смарагдна зелена боја на Медитеранот па сивите и розови нијанси на гранитните карпи.

Веднаш одлучил да купи појас од брегот, долг десетина километри, северно од гратчето Олби и да изгради совршено место за одмор. Почитувајќи ги строгите правила за градба за максимално зачувување на природата и трудејќи се што е можно повеќе да го испочитува локалниот стил на градба, ги подигнал одморалиштата Порто Черво и Порто Ротондо со специјално уредени плажи, луксузни хотели, ноќни клубови, ресторани, марини, голф терени и јахтинг клуб.

Но, остатокот на Сардинија, посебно нејзиниот североисточен дел, областа Галура, има далеку поприродна, поавтентична страна, достапна за сите љубители на чиста и недопрена природа, кои ги избегнуваат папараците и не “паѓаат” на јахти или “фенси” ресторани. Кога малку ќе се завлезе подлабоко во внатрешноста на Сардинија, се наоѓа совршен мир и спокој од маѓепсните пејсажи на дивата и нескротена природа. Тој дел на островот на посетителите им нуди совршена кујна, несредени, помалку диви предели, од кои застанува здивот, но и дружење со љубезните и опуштени домаќини. Овде никогаш нема да ја сретнете Наоми Кемпбел, но навистина ќе уживате во пешачењето до највисокиот врв Монте Лимбара, од каде се пружа видик на целиот остров и низот ненаселени острови кои го сочинуваат прекрасниот архипелаг Мадалена.

Овде брегот е пресечен со многубројни плажи, стиснати меѓу високите и стрмни гранитни карпи со необичен облик, кои со векови одолеваат на немилосрдниот ветар и морските бранови.

И покрај големиот број на туристи кои секоја година го посетуваат овој дел на Сардинија, природната убавина е скоро недопрена. Тоа се должи на ангажирањето на локалните власти во 2004- та, кои донесоа закон за забрана на изградба на нови објекти.

Тајна на древните цивилизации

Едно од најпријатните изненадувања кое Сардинија му го приредува на секој гостин кој ќе зачекори на нејзината почва, е сознанието дека овој медитерански остров нуди над девет илјади археолошки локации. На овие простори низ вековите живееле и владееле Феникијци, Картагинци, Римјани, Арапи, Каталонци… Тука кусо време живеел и Наполеон Бонапарта. Сепак од сите цивилизации кои своите траги ги оставиле ширум Сардинија, за археолозите најинтересен е таинствениот народ Нураги кој на островот живеел во 2 век п.н.е. За жал, за нивниот начин на живот нема пишани докази, но затоа оставиле масовни монолитни структури. Уште не е објаснето како е можно олку древен народ, да  успеал да ги изгради тие сложени градби кои останале имуни на забот на времето. Нураги останале најзагадочната култура на Медитеранот.

Loading