Фудбал: Дербито пред 3. 000 гледачи
Прволигашки беше амбиентот на градското второлигашко дерби 11 Октомври – Победа јуниор, кое го добија домашните со 1-0, со голот на Столе Дунимаглоски во 82. минута. Околу 3000 гледачи ја преполнија северната трибина од стадионот “Гоце Делчев” и сите, речиси без исклучок, навиваа за “гостинот”, Победа јуниор. Зошто се определија така, најверојатно поради името, брендот. Потполно е јасно за секој прилепчанец – Победа е светост.
– Цел живот за најсаканиот тим. Сум членувал и во управата. Нема друг клуб при срце, како Победа – рече Јовица Нешкоски.
– Од дете навивам за Победа и не ја менувам за ниеден клуб. Одиме кон Првата лига – изјави Рубин Алексоски.
– Дојдов од Австрија за ова дерби. Ги сакам двата тима, но Победа има предност и ја гледам наскоро во највисок ранг – оптимист беше Иса Османоски.
– Не сум против 11-ти, но навивам за Победа. Имаме шанси за Прва лига – додаде Пеце Томески.
– Цел живот сум победаш. Ако се среди клубот финансиски местото му е во прва лига – рече Трајче Ѓорѓиоски.
Колку што гледачите пред дербито беа убедени во триумф на Победа, уште потешко доживеаја “стрес” во 82. минута. Дотогаш безопасниот тим на 11 Октомври изведе брза контра, во празно се уфрли Дунимаглоски и со страотен шут ја затресе мрежата на Дејан Апостоловски. Публиката разочарана, но собра сили да го поздрави победникот.
– Тимот на 11 Октомври беше поборбен. Мојата Победа одигра под можностите, но шансите и надежите за првата лига остануваат – резимираше Сандре Таневски, пензионер, по потекло од Ресен.
Возбудувањата продолжуваат на 5. септември, кога Победа ј. игра со Корзо, а 11 Октомври е гостин на Тиквеш.
Одбегнаа во Купот
Вчерашната ждрепка не и даде на Победа јуниор брз реванш со 11 Октомври. Тоа можеше да се случи на двапати есенва, меѓутоа среќата одлучи поинаку. Во 1/8 финалето од ова натпреварување, Победа јуниор се среќава со Дрита, а 11 Октомври со Ренова.