ПРИВАТЕН И ОФИЦИЈАЛЕН ЈАЗИК

Слушаме вести на Радио Скопје. Темата, нешто околу судството. Одеднаш, една крајно дефектна реченица. Спикерката вели: “Судскиот и Советот на јавни обвинители”. Нејасно, конфузно! Придавката СУДСКИОТ, останува да виси. Не знаеме на што се однесува. Од контекстот успеавме некако да се сетиме што сакаше да каже спикерката. Всушност, станува збор за два совета. Реченицата треба да гласи: “СУДСКИОТ СОВЕТ И СОВЕТОТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ”. Придавката СУДСКИОТ мора да се повтори, а придавката ЈАВНИ мора да биде членувана – ЈАВНИТЕ. Мошне чести се ваквите грешки на нашите медиуми.

Утредента, телефонот в раце, го бараме лекторот. Не интересира неговиот коментар. По повеќе вртења од еден број на друг, успеавме да го добиеме лекторот, односно лекторката. Со забелешката, дека треба да се повтори придавката СОВЕТОТ се согласува. Дури и се чуди зошто е тоа така напишано во текстот на спикерот. Се чуди, како да се однесува на некое којзнае кое радио, а не на радиото каде таа е лектор.

За втората забелешка (дека придавката ЈАВНИТЕ треба да биде членувана) не се согласува. Вели дека тој назив е преземен директно од институцијата и гласи СОВЕТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ.

– Па ако е така и таму е погрешно! – велиме. 

– Придавката ЈАВНИ треба да биде членувана зашто во спротивно ќе се однесува за некои неидентификувани, непознати обвинители. Како што слушаме често (погрешно) СОЈУЗ НА СИНДИКАТИ, наместо СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ.

– Не, не, таму не се мешаме. Таа забелешка не ви ја прифаќаме.

– Добро, а дали ја прифаќате забелешката за грешката на вашите спикери кога велат: МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИ И УМЕТНОСТИ. Верувам дека се согласувате оти треба да се членуваат именките и дека треба да гласи: МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ. Примеров е многу сличен со претходниот. Именките НАУКИТЕ и УМЕТНОСТИТЕ мора да бидат членувани.

– Па, сега, видете… Ако е членувана придавката МАКЕДОНСКА… во таков случај… таа…

– Воопшто не е важно дали е членувана придавката МАКЕДОНСКА. Во каква и да е варијанта, споменатите именки треба да бидат членувани. Во вашиот медиум, такви грешки не смеат да се допуштаат. А се допуштаат многу грешки.

– На пример, кои грешки?! – прашува лекторката.

– Не можеме сега, вака да ги набројуваме. Еве, на пример именката ТЛО. Сме ја слушале и на телевизија и во програмите на радиото. Веруваме дека знаете, оти на македонски таа именка гласи ПОЧВА, а не ТЛО.

– Па… видете… во каков контекст сте ја слушнале?

– Многупати и во разни контексти. Последен пат ја слушнавме за некој земјотрес. Се тресело ТЛОТО. А зошто не ПОЧВАТА?

– Знаете, тоа… ПОЧВА повеќе се употребува кога би се рекло дека се обработува почвата, а во вакви случаи… повеќе би одело ТЛО… зашто…

– Во никакви случаи и во никакви ситуации. Секогаш македонската именка гласи ПОЧВА, а не ТЛО. И кога се ниша и кога се обработува. Проверете во Речникот. Ќе видите.

Како да почна, по малку, да расте тензијата. И ако и ние и лекторката настојуваме да ја задржиме учтивоста и добриот тон.

– Добро, добро! – велиме.

– Треба да се согласиме дека грижата за јазикот не ни е на потребното ниво. Во сите области.

– Па… не би се согласила…

– Е како не? Додека ве добив на телефон ми се јавија три – четворица. Сите се обраќаат со српскиот глагол – МОЛИМ. Еден не рече – МОЛАМ.

– Е, па тоа е во приватен разговор. Не можам јас да барам од секретарката да зборува литературно. Знаете, во приватниот разговор се дозволуваат и такви зборови. А во програмата, јас не би го допуштила тоа.

– Добро! Ви благодарам за разговорот! – í рековме.

И што излезе од целиов разговор?! Лекторката нешто прифати, нешто не. А ние останавме да размислуваме! Дали е убаво да имаме два јазика?!  Едниот за приватна употреба, а другиот официјален, онака, за пред човека!

Но, кај нас доминира токму тој, приватниот јазик. Таму се е дозволено. Нема лектура. Ни за секретарките, ни за новинарите.

Благоја Ивчески

Loading