На мечот Корзо – Маџари
Машката, борбена, пожртвувана игра на второлигашкиот фудбалски меч Корзо – Маџари доведе до неколку вообичаени повреди, а за прикажување остана необичната, за која виновна е една – оса!
На почетокот од второто полувреме, во 50. минута, лекарска помош побара гостинскиот капитен, стоперот Ване Пандев. Осата го каснала право в гуша и оддалеку се познаваше црвенило. Играта прекина пет – шест минути, додека му се даваше помош со вода, кал… Помагаа многумина, покрај лекарот, соиграчи и противници. Болката малку се ублажи, но не престана и во прашање беше натамошниот настап. Од клупата го храбреа да продолжи, оти тој е еден од најдобрите на екипата. Доигра до крајот.
Покрај убодот од осата, Пандев го “печеше” и поразот од 1-0, бидејќи голот на Христијан Тодоровски е постигнат од пенал и тоа во 89. минута.