Во ек бербата на тутунот
Прилеп е познат како град на тутунот. “Зелени езера” се простираат во околината, па и во внатрешноста на градот на “жолтото злато”. Познат е по квалитетниот тутун, кој уживателите на цигари го ценат и препознаваат.
Ама тешка е одисејата што производителите на тутун ја прават од семка, преку ливче, да создадат бале тутун и да предадат за преработка.
Од цел град, варошани се традиционално најпознати по производството на тутун. Во генот им е тутунот, душата им мириса на оваа култура. Од дедо, прадедо живеат од тутунот. Велат дека наместо со мајчино млеко, задоени се со тутун.
Марковски е една од многуте фамилии, кои скриени од силното сонце, под сенка, ги нижеа ливчињата тутун, гледајќи ја иглата да го погоди точното место и, наместо ‘рбетот на листот, да се погоди прстот со тутунски туткал. Шеста година одгледуваат тутун. Преку него бараат чаре од невработеноста и зголемените цени на прехранбените производи, струјата…
– Садиме тутун само декар и половина. Кога ќе пресметаме колку треба за нивата под наем, нафтата за тракторот, останува колку да купиме некој кубик дрва за в зима и да ги платиме сметките за струја. Земјоделството е тешко и секој спечален денар е платен со пот и неизмерна работа – велат од фамилијата, кревајќи ги очите од иглата, а раката како машина прободува листови, со сериозен тон кажуваат варошаните.
Муграта им е почеток на работното време Во темнината, стануваат околу три часот наутро. Што се вели уште со неизмиен образ, одат на тутун, на “ќоро”, оти напамет го знаат патот за на нива. Берат едно по едно ливче во мракот пред изгрејсонце, оти со топлината потешко оди берењето, а листовите се лепат. Денски не се бери, оти е и пекол жешко. Без време за одмор, веднаш го постилаат тутунот собран во бовчите. Така три месеци се со иглата враце секој ден.
– Работиме тутун,оти децата не се вработени, а имаат завршено училиште. Едниот е и женет. Кога ќе завршиме со тутунот, гледам да им направам нешто за јадење. А децата како деца, не сакаат да седат и да нижат. Сакаат да ја проживеат младоста како што доликува – дополнува домаќинката, која одгледува и бавча со градинарски култури, да не купуваат домати, компири, кромид…
Велат дека единствени месеци за одмор им се јануари и февруари. Сите други ги посветуваат на тутунот, од подготовката на леите за расаден материјал, па садењето, берењето, нижењето, сушењето, пеглањето и балирање. Сметаат дека в село е полесно да се одгледува тутун, затоа што со машините лесно се влегува во нивата, а и наводнувањето е полесно. Во градов скоро сé оди на рака, со мала помош од мотокултиватор. Напамет го знаат календарот на сите фази на тутунопроизводството. Ако се задоцни макар и ден од зацртаниот датум, постои опасност цела берба да ни пропадне – да не чини.
– На крај на краиштата, благодарни сме што вадиме парите од тутунот, што се поткрепуваат со државните субвенции. Така успеваме некако да врзиме крај со крај – завршија Марковски, кои немаа време за муабет, туку се брзаа да нанижат уште некоја низа повеќе.
Стануваат рано пред зори, без одмор, до мрак работат на тутунот, исто како во рациновата песна “Денови”.
![]()

