Не е реткост странци да пеат македонски песни. Реткост е тоа да го прави некој што живее илјадници километри и на кој нашата култура му е далечна. Таква е Ла Санти Манаранџане од Шри Ланка. Нејзе не í претставува мака јазикот да пее од душа македонски песни. А тоа се случи на концертот на словенечкиот квартет “Пела”, кога Ла Санти настапи како специјален гостин. Посетителите беа воодушевени. Повеќето сакаа да се фотографираат, а дел ги интересираше од каде Ла Санти научила македонска песна.
За Зенит откри дека со сопругот биле пријатели со нашинецот Љубен Димкароски. Така “стапила” во контакт со нашата музика.
– Етномузиколог сум, а свирам и виолина. Музиката ми е во душата. Кога првпат слушнав македонска песна, бев воодушевена. Сакав да научам да пеам. Така нашиот драг пријател ме научи. Се чувствувам многу среќна и горда што пеев во “срцето” на Македонија. Вашата музика е многу убава. Посебна. Кусо бевме тука, само два дена, но луѓето се многу пријатни, гостопримливи. Со задоволство, со цело срце би сакала да дојдам повторно и, којзнае, можеби да одржам концерт – изјави Ла Санти.