ЛЕТ БРОЈ 21 (10)

Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.

Како што обично и се случуваше, Игор три дена пред настанот дојде во канцеларијата:

– Бети, сéе е готово и апсолутно беспрекорно. Ова никогаш нема да ти го заборавам. Сакам само да те замолам за уште една работа?

– Нема проблем, нели сум ти кума! Ќе мавнам со моето волшебно стапче и работата е средена – расположено го задеваше Елизабета.

– Се сеќаваш на Леонард, нели? Не би сакал кога ќе стигне да…

Елизабета ништо повеќе не слушаше. По којзнае којпат, нешто се скрши во неа. Завесата повторно падна, сјајот во очите исчезна. Не сакаше да го навреди Игор. Не сакаше да ја засени неговата среќа. Не сакаше тој да се посомнева во нешто. Обидувајќи се да владее со себе, ги слушна неговите последни зборови: “ќе дојде задутре околу пладне со летот број 183 од Атина…”

– Во ред, се обидуваше да звучи како пред малку, нема проблем. А ако тоа е сé, тргни ми се од пред очи и не сакам да те видам до свадбата…

Коментирајќи го нејзинот одговор, Игор излезе од канцеларијата. Елизабета се струполи врз фотелјата. Се чувствуваше празно и болно. Во ушите и одекнуваа зборовите “Леонард, лет број 183”. Па нели е тоа  бројот на летот од нејзиниот оглас…? Ја затресе главата. Судбината повторно безмилосно поигруваше со неа. Одамна не помислила на огласот. А Леонард… Посака да си замине дома. Ова мораше да и се случи порано или подоцна. Мораше да се погледне во огледалото… Зошто токму сега и вака.

Беше збунета, преплашена и, што е најболно, ужасно осамена. Бидејќи, нормално, работата í се искомплицира, дома ја дочека уште едно изненадување: “доаѓам задутре со летот број 183 од Атина – шифра закопано богатство”. Зјапаше во поштенската картичка, стоејќи на средината од своето претсобје и чувствувајќи како сé околу неа се врти. Одвај го пронајде каучот. Не знаеше дали следните два часа спиеше или беше во бессознание. Гледаше низ долгите трепки, обидувајќи се да го состави мозаикот. Недостасуваа уште неколку делчиња. Единствено, таа можеше да ги постави на вистинското место. Се истушира, свари дупла доза кафе и очајно размислуваше. Не знаеше што повеќе ја плаши. Средбата со Леонард или мистериозниот господин – оглас, кој веројатно постои. Не  знаеше кој повеќе го сака или мрази. Беше најосамената жена на светот, а сега пред себе имаше една измислена и една вистинска љубов. Или можеби и двете беа сон…

Летот број 183 пристигнуваше напладне. Крајно вознемирена , реши судбината да ја земе во свои раце. 15 минути порано беше на аеродромот. Ја пушеше четвртата цигара, кога продорниот машки глас го објави слетувањето на авионот. Ги стави очилата за сонце, во рацете го држеше својот неделник, се разбира, за да се распознае со својот шифриран познаник, и притаено неупадно стоеше настрана, надевајќи се дека предноста е на нејзина страна. Се надеваше дека првин ќе го здогледа токму него. Ако í се допадне, ќе се покаже, па така повторната средба со Леонард би можела побезболно да помине. Патниците почнаа да влегуваат во холот од зградата на аеродромот. Пот ја облеа. Се погледна во темното стакло пред себе. Изгледаше добро. Сé престана да постои. Не ја слушаше повеќе ни силната врева.

Го гледаше него. Беше токму онаков каков што го сакаше. Срцето ќе í ги расцепеше градите, í недостасуваше воздух. Не постоеше никој друг. Небаре беше Бог. Во очите му брануваше морето. За прв пат директно гледаше во неговиот анфас. Како да го знаеше и сакаше со векови. Црните кадри разбушавено му паѓаа на главата. Носеше фармерки и сина свилена кошула. Елизабета одвај се воздржуваше да не му падне на коленици. Ја влечеше како магнет. Темниот тен како да беше лиен бакар на неговото божествено торзо. Знаеше дека ја виде, ураган врвеше низ нејзиното тело. Како маѓепсана, тргна кон него. Очите му сјаеја. Без збор стоеја и се гледаа. Толку многу сакаше да ги почувствува неговите усни, да ја допре неговата кожа.

– Ќе стоиме ли овде засекогаш – ја праша.

Елизабета посакуваше ова никогаш да не престане.

– Не, рече непоместувајќи се од местото, гледајќи во неговите очи.

Го молеше да ја бакне.

Ја фати над лактот од левата рака и ја поведе  кон излезот.

– Чекаме некој друг? – го праша наивно, кога повторно застанаа пред излезот од холот на аеродромот.

– Јас не, а ти…?

Елизабета дури сега се сети дека требаше да го пречека и него… Малку збунето се обѕрнуваше околу себе, но немаше речиси никој. Молкум испушија по една цигара.

– Би можеле да одиме…

– Да.

– Ќе ти смета да го возам твојот автомобил…?

– Не, ако сакаш.

На Елизабета не и беше ни најмалку важно каде ќе одат. Покрај тоа што умираше од желба да ја бакне, сакаше да остане покрај него. Одвреме на време погледите ќе им се сретнеа. Елизабета забележа дека се упатуваат кон Морската куќичка.

– Таму нема никој…

– Знам…

– Што бараме таму?

– Нешто!

Не се ни обиде да го продолжи дијалогот. Можеше да ја однесе и на крајот од светот. Не би имала ништо против. Чувствуваше дека ја посакува. Одвај успеваше да не му се фрли в прегратка. Чувствуваше страст, незнаејќи до кога ќе издржи. Стигнаа. Не ја остави да излезе од автомобилот. Ја крена на своите силни раце и ја понесе преку плажата. Кога го почувствува неговото тело, како да се опушти. Ги обви своите раце околу неговиот врат и толку силно се припи кон него така што чувствуваше како крвта му тече во неговите вени. Ги затвори очите и му ги подаде усните. Чекаше да ја бакне…

Продолжува

Loading