По асфалт до Трескавец за 18 месеци
– Државата ќе вложи 83 милиони денари за седум километри пат
– Манастирот се доживува како свој дом
– Храмот на туристичката мапа
– Даутовски приреди музичко тихување
Манастирскиот комплекс Успение на Пресвета Богородица – Трескавец ќе стане попристапен за 18 месеци, откако министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска и градоначалникот Марјан Ристески ги ставија првите лопати со бетон во градбата на патот, долг седум километри, а во кој државата ќе вложи 83 милиони денари.
Празникот Богородица прерасна во црковно – народен собир на неколку илјади прилепчани, кои пешки два ипол часа, се искачуваат низ живописниот предел до конаците и храмот од 14 век да запалат свеќи за здравје.
Прилепчанецот Ѓоре Василески смета дека патот ќе го поттикне манастирскиот туризам.
– Единствен проблем е патот, а со асфалт ќе заживее манастирскиот туризам. Ќе стане пристапно богатото културно и духовно наследство – вели Василески.
Илија Стојаноски, кој е чест посетител на манастирските конаци, се радува што ќе може со многумина да го подели духовниот раскош низ литургиите на монасите и мелодичноста на мандалото и камбаната.
Владата ја финансира градбата на патот, а Прилеп го изработи проектот.
Министерот Миле Јанакиески е среќен што дошол денот да се исполни сонот на многу наши предци, лесно да се стигнува до манастирските порти.
– Наместо луѓето да доаѓаат пешки или со џипови, за 18 месеци ќе можат да пријдат до манастирската убавина со автомобили. Од дете се сеќавам како моите баби и дедовци посакуваа да се направи пат до манастирот Трескавец. Успевавме да го почнеме остварувањето на стремежот на многу генерации. Инвестицијата не е само за манастирот, туку и за туризмот воопшто. Очекувам драстичен раст на туристи. Иницијатор за градбата е премиерот Никола Груевски – изјави Јанакиески.
{vsig}PRAZNIK/220/galerija{/vsig}
Владата составила и координативно тело за заштита.
– Следно за манастирот е заштитата на иконостасот, проектот за архитектонската целина и за конзервација и системски истражувања. Трите фази ќе ги работиме напоредно, со цел промоција на манастирскиот туризам – изјави министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.
За епископот Климент многу е важно да се осети убавата глетка.
– Симбиоза е убавина на пределот и доближувањето до Мајката Божја. Сите треба да придонесеме да ја зачуваме духовната култура. Манастирот има универзална димензија, која ја чувствуваат и посетителите кои доаѓаат од разните европски земји, особено Холанѓаните – вели епископот Климент.
Домаќинот Монахот Калист чувствува голема радост што конечно дошол мигот да се отпочне долгогодишна насушната потреба на Прилепчани, да се изгради пат до светиот храм.
– Се собираме во голем број за идната Богородица да ја пресечеме црвената лента и да го пуштиме патот кон манастирот. Прилепчани никогаш не го заборавиле манастирот. Горд сум што се наоѓам во еден манастир толку почитуван од населението, каде доаѓаат како дома. Низ секогаш отворените порти, Света Богородица прими многу млади во закрила – вели калуѓерот Калист.
За градоначалникот Марјан Ристески, манастирот Трескавец е едно од најсветите места на Балканот.
– Манастирот и граѓаните го чекаа патот со векови. Домашни и странски туристи честопати се откажуваа да го посетат, поради недостапноста. Очекувам светилиштето годишно првин да го посетуваат најмалку 50 илјади гости. Комплексот ќе го популаризира православието, зашто има исцелителна и чудесна моќ. Во потрага по здравје, многу луѓе овде нашле илач и себап. Патот ќе има свој придонес во развој на културниот туризам – изјави Ристески, најавувајќи изградба на патот за манастирот Зрзе.
Придонес во одбележувањето на празникот даде и Драган Даутовски со музика на окарината, црковната група Пелагонитиса и словенечко – македонската етно група Пела.
За Даутовски поканата да свири во манастирскиот двор претставува Божја награда
– Музичкото молитвење е животна сатисфакција. Ме радува што бдеевме низ музичко тихување и молитвење во манастирскиот комплекс – рече Даутовски.
На дводневното чествување многу млади кампуваа во околината, а кои беа водени од планинарите на Картуш до манастирските конаци.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец е обновен во 1992 година, откако до темел изгореа конаците, а манастирската црква не ја допре ниту еден пламен јазик.