ГАНГСТЕРСКИ АВТОМОБИЛ НИЗ СОКАЦИ

На сликата е Прилеп во 1929 година. Да не знаевме, прва помисла ќе ни беше дека станува збор за автомобил на чикашката мафија на Ал Капоне. Отворен покрив, сериозни момци околу автомобилот, дотерани како мафијаши, им недостига само да позираат со автоматски пушки… Ама нашиве луѓе не се такви. Мирни и без намера да вршат криминал, само сакале да се чаламат пред “колата без коњи”.

Сопственикот на автомобилот го собрал друштвото да го овековечат ова достигнување, кое во времето, на просториве, било рамно на спуштање на Месечината. Даваат до знаење дека Прилеп не назадувал многу со новата технологија, во случајов автомобилизмот.

Додуша ги немало многу, па затоа на сликата има повеќе луѓе отколу седишта во автомобилот, за кој не се познава која марка е. Која и да е, сигурно била нешто ново и модерно за дваесетите години од минатиот век.

Во тоа време да се имало моторно возило, сигурно било “магнет” за секоја градска девојка, па газдата на автомобилот изгледа постојано бил ставан на “слатки маки” од ишаретите кои жените му ги давале како предзнак за нешто повеќе.

Loading