НИКИ КОМЕРЦ
– Специјализирана дистрибуција на алкохолни и безалкохолни пијалаци
Фирмата Ники комерц од отворањето слави девет години постоење како дисконт. Специјализирана е за алкохолни и безалкохолни пијалаци, со акцент на словенечкото Лашко пиво, како главен дистрибутер. Сопствениците, браќата Костадинчо, кој ја чека дипломата од економски факултет, и Николче Зероски кој дипломирал на маркетинг менаџмент, се оптимисти за иднината на бизнисот. Немаат табиет да се жалат и да тажат дека работата тешко оди. Напротив сметаат дека “јунаците се познаваат на маката”. Очекуваат подем, оти се докажани во понудата на брза услуга, широка палета и висок квалитет на секакви видови жестоки и други алкохолни и безалкохолни пијалаци. Само со кревање на телефонот, еден од петте вработени на Ники комерц се најдува на местото на муштериите – кај угостителите, кај трговците на мало, во казината… Покрај Лашкото пиво, кое секоја година се бара сé повеќе, особено темното, застапници се и на марката виски Џек Даниелс и на други жестоки пијалаци за кафетериите, пицериите, гостилниците, рестораните…
– Уште не беше отворен дуќанот, почнавме со дистрибуција, точно пред 11 години. Се определивме за овој бизнис, оти контактиравме со сопствениците на кафетериите. Сите ни беа пријатели, па додека набавуваат од други, се ориентираа да соработуваат со свои луѓе. Но, довербата се гради со години. Пружената рака и шанса ја искористивме. Никого не изигравме и не оставивме на цедило. Воспоставивме цврсти деловни односи со генералните увозници во земјава. Тешко е да се освои довербата, а лесно е да се прокоцка. Затоа не се менуваме. Добрите релации ги негуваме и ги надградуваме, уште од првиот ден до денес. Така стекнавме углед на фирма со сериозни и здрави темели, која е одговорна, размислува со деловен морал, со главата на бизнисмените, а не со умот на измамниците – објаснува Костадинчо.
Почнале првин соработка со Фруктал. Добро работеле и отвориле дуќан.
– Бизнисот беше ориентиран на малопродажба, затоа што дуќанот беше 40 м2. Работевме двајцата со брат ми, а сега имаме уште тројца. Работата се ширеше, па од 2003-та почнавме со алкохолни пијалаци. Горди сме што сме претставници и застапници за познатите светски брендови како вотката Финландија, познатиот Јегермејстер… Од вината ги имаме од сите визби – Тиквеш, Бовин, Сковин со сите свои брендови – кажуваат брајќата Зероски.
Не се запоставени ниту безалкохолните пијалаци, па застапници се и за минералната вода Јана, како и за фирмата Нектар. Располагаат со сите потреби на кафулињата, од цевчиња, кафе, шеќер, дури до салфетки и тоалетна хартија…
– Како застапници за Лашко Пиво ги “држиме” Прилеп, дел од Битола и Демир Хисар. Иако сите мислат дека Лашко е поскапо пиво од конкурентните, не е така. Порано беше поскапо, кога имаше данок, а сега нема таква работа. Сега, како што плаќаат Прилепската или Скопската Пиварница, плаќаме и ние исто. Имаме само плус трошок за транспорт. Со цените сме речиси на исто ниво со домашните пиварници – вели постариот брат, Костадинчо.
Со развојот и растежот, сфатиле дека продажбата им оди добро, но ако се гледа во иднината, мора да се шири бизнисот, но строго во склопот на досегашната дејност.
– Плаќањето оди малку потешко, меѓутоа се снаоѓаме со реномето, стекнато низ годините. Затоа долго време ги снабдуваме најпознатите угостителски објекти во градов – потенцира Костадинчо.
Тие се и дистрибутери на Витаминка, со сиот нејзин асортиман за кафетериите.