АПЛАУЗИ ЗА СЕСТРИТЕ НИКОСКИ

Одличен и инспиративен заеднички концерт одржаа сестрите Софија и Христина Никоски во ЦК “Марко Цепенков”. Се претставија со дела од Бах, Винавски, Моцарт, Паганини, Ваксман. Софија на виолина, а Христина на пијано, им приредија на нашите сограѓани убаво музичко доживување, затоа што композициите од познатите светски автори ги исполнија со голема сигурност, професионалност и секако емотивност.

Младата виолинистка Софија Никоска, која има дипломирано на ФМУ кај проф. Олег Кондратенко моментно е студент во кралскиот колеџ за музика “Queen Sofia” во Мадрид, Шпанија,во класата на реномираниот проф. Захар Брон. Уште од мали нозе освојува бројни награди и го покажува својот талент за свирење на виолина. Учествувала на повеќе меѓународни виолински натпревари, била дел и од многубројни семинари кај реномирани виолинстички педагози. Никоска е една од најдобрите виолинистки во Македонија, а и во странство.

Нејзината сестра, пијанистката Христина Никоска заврши ФЛУ во Скопје во класата на проф. Марија Ѓошевска. Учествувала на повеќе државни и меѓународни пијанистички натпревари од каде се вратила со многубројни награди. Реализирала солистички настапи и концерти со Македонската Филхармонија, а учествувала и на семинари кај реномирани педагози. Учесник е во Европската летна музичка академија, каде работи со Лејла Пула и Јаромир Клепач .

Концертот на сестрите беше во рамките на манифестацијата “Цело лето-културно лето” на ЦК. 

Loading