ТРЕСКАВЕЦ – ЗАКРИЛНИК ЗА ПРИЛЕПЧАНИ

Недостапен за ненамерни прошетки, вгнезден на карпестиот предел на над 1 300 метри надморска височина, манастирот Трескавец, отсекогаш бил закрилник за прилепчани. Привлекува туристи со фрескоживописот во Црквата Успение на Пресвета Богородица од 13 односно 14 век.

Православниот храм е магнет не само за православните, туку и за вљубениците по планински прошетки и височини, за историчарите на уметноста… Се верува дека манастирот има исцелителна моќ и на многумина кои се помолиле им помогнала божјата сила. Посетата на манастирот, живописната околина и прекрасната глетка која се протега од височините кон Прилеп, никого не остава рамнодушен. Се памети дека конаците многупати биле палени. Вивнувале, а огнените јазици ги голтнувале до темел. Но пак, со божјата милост и вербата и помошта од верниците, како феникс, се издигнувале од пеплиштата, да претставуваат најубави и најголеми одаи за мир и почивка. Се раскажува дека верниците, на раце носеле камен, цигли, керамиди за изградба на манастирските конаци.

На манастирот Трескавец изминативе години многупати му се закануваа и шумските пожари, но успеваше да остане надвор од природната катастрофа.

Со изградбата на патот, Трескавец сега ќе биде на дофат на прилепчани за мир, помилување и спокој на душата во небеските царства. До манастрирот неретко верниците знаат да појдат и по снег, мраз и студ зошто ги влече топлината и љубовта кон верата. 

Loading