ПОРАЗИ ВО ДОБРА ИГРА

Ракомет: Заврши турнејата во Србија

Настапија младите и новите

Екипата на Жито Прилеп ги загуби сите шест пријателски на турнејата во Србија, но се врати со кренати глави. Даден е силен отпор на големи екипи, кои ќе настапуваат и во Европа. Резултатите и бројките не обесхрабруваат, туку даваат самодоверба. Во првиот меч со Милениум од Белград беше 34-28, а вториот само со гол негатива 28-27. Од Железничар Инџија се доживеани порази 38-35 и 35-28. Од Макспорт Нова Пазова е негатива минимална со 22-21, а со Наиса Ниш 28-26.

– Сите беа поискусни и физички посилни. Покажавме дека не заостануваме техничко – тактички. Добро се одигра во одбрана и напад. Можевме и подобро, но заморот го стори своето. Им дадов шанса на новите и младите – вели Борче Марковски, тренерот.

Вкупно играа 17 првотимки. Некаде сите влегуваа, некаде само поискусните. Токму на тие мечеви каде се вложуваа сите сили се дојде до подобар резултат. Дуелите се од голема полза за добивање искуство. Како лани кога се одиграа 12 меча, така и летово згуснат е календарот меѓународни тестови.

– Предвидени се реванши. Ќе се претставиме и пред својата публика. Имаме време за корекции на слабостите и до почетокот на лигата ќе бидеме во саканата форма – истакнува Марковски.

Во средата се одигра и седмиот меч, со Кичево дома, каде е забележана висока победа од 42-26 (19-10).

Денеска е гостувањето кај Металург јуниор во Скопје.

Старт со Кратово

Ждрепката во женската Супер лига реши на стартот Жито Прилеп да игра дома со Ел Коритон од Кратово. Во лигата се осум тима. Покрај Жито Прилеп, Ел Коритон, Металург и Металург јуниор, настапуваат Кичево, Куманово, Вардар и Кожувчанка. Лигата почнува на

8 септември.

Loading